| четврток, 6 декември 2018 |

Сеќавањата на распадот на федеративна Југославија се премногу свежи за некој да ја турка Македонија во федерализација

 

Прифатената Тиранска платформа е вовед во федерализација на Македонија. Со вакви предупредувања излегоа многу домашни, но и странски експерти кои сметаат дека прифаќањето на платформата направена од Еди Рама води кој распарчување на Македонија.

Професорот Љубомир Цуцуловски смета дека позади доаѓањето на Јоханес Хан се крие целта по секоја цена да се прифати платформата донесена од четирите албански партии. Тоа според него може да биде доста погубно за Македонија како држава.

– Прифаќањето на Платформата скоро извесно води кон распад на Република Македонија по етничка, меѓутоа и по религиозна линија. Тоа значи либанизација на Македонија. Либанизацијата на Македонија ќе значи војна, во која ќе страдаат и едните, и другите и третите… Едноставно, ќе страдаат сите граѓани, без разлика на нивната етничка, религиозна или идеолошка припадност. Стотици илјади луѓе, преку ноќ, можат да се најдат надвор од своите домови, од своите села, од своите градови, бидејќи тоа се последиците на секоја граѓанска и меѓуетничка војна. Тие, според својата логика, водат кон преселби, односно кон размена на населението. После тоа, враќање назад нема, како што ретко кој бегалец се врати во својот дом на просторите од некогашна Југославија, вели Цуцуловски.

Поранешниот белгискиот посредник на Меѓународната заедница за Пржинскиот договор, Питер Ванхауте ја откри вистинската намера на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, односно федерализација на Македонија.

Ванхауте за порталот „Medium.com“ напиша дека федерализацијата во деведесеттите била ефикасна алатка за решавање на конфликти, како и дека за Македонија таа би била позитивна работа и оти би создала стабилност.

-Од деведесеттите години, можеме да видиме дека доста често, федерализмот се користи како ефективна алатка за решавање на конфликти. Голема предност е дека заедниците можат да добијат еднакви права и еднаков однос кон централното ниво на владеење. Ова создава стабилност која е многу потребна во земја како Македонија, пишува Ванхауте.

Според него, Тиранската платформа има за цел да донесе добри и ефикасни решенија, додавајќи дека нашиот систем е близу целосен колапс.

vanhautee-640x330

Универзитетската професорка, Билјана Ванковска коментирајќи го ставот на Ванјауте пишува дека залагањето за воспоставување федерација токму во миг кога земјата е на коленици потресена од силната криза, создава сомнеж во неговата целокупна претходна мисија што, пак, се надоврзува на тивката поддршка однадвор за таквите чекори, особено од 2004 година наваму.

-Второ, неговите тези можат да се читаат како многу отворено (без ракавици) артикулирање на јавниот дискурс, кој на крајот на денот се сведува на тоа дали е ова вистински миг за воспоставување бинационална држава со озаконување на елементи типични за федерации (двојазични банкноти, униформи во армијата и војската, итн.). Дали можеме да замислиме две републички собранија и едно сојузно (заедно со сето преостанато што би следувало)? Дали ќе бидеме побогати ако издадеме нова двојазична валута? Прашањата се реторички… Нашата црвено-жолтата линија (треба да) се вика демократија, владеењето на правото, институционална кохезија и рационална и компетентна, а не етничка администрација, политичка и правна одговорност на сите (вклучувајќи и на челниците на ДУИ), социјална правда, борба против сиромаштија, напиша Ванковска.

Уредникот во Дневник, Христо Ивановски прашува каков федерализам да и се насади на Македонија, белгиски, австриски, босанско-херцеговски, венецуелски…?

-Во Генк, Белгија, е роден и Питер Ванхоуте, новинар и политичар, од сите разбран и сфатен, само не и од ВМРО-ДПМНЕ?! Барем така објави тој самиот. Тоа, сепак и не е мала работа, ако најголемата партија во државата ви вели дека не го разбира што сакате, или едноставно не ги сака повеќе неговите услуги како посредник, советодавач или што и да е. Толку беше со Ванхоуте – туркаше до кај што туркаше, за што си земал плата, и енде. Секое давање совети и расчистување од типот што сакав да кажам е во најмала рака непристојно. А, во услови кога во Македонија се крчка политичката криза, тоа значи не само додавање масло на огнот, туку и дотурање мирудии во манџата и тоа мирудии кои еднаш биле отфрлени. Му било кажано – не ги сакаме, не ни требаат. Проблемот е што Ванхоуте цврсто зазел страна чии интереси ќе промовира во Македонја, но тоа не сака да го признае. Вели федерализмот треба да придонесе да се избегне авторитарен систем, при што ВМРО ја дефинира како авториатарна партија што е селективно гледано на нештата. Во Македонија сите партии се изградени според еден ист модел, по еден ист урнек, такви се регистрираат пред органите и сите се авторитарни. Тоа е наша автохтона придобивка, или ти, наследство од социјализмот. Но, кој, каков феделаризам да ~ се насади на Македонија? Белгиски, австриски, босанско-херцеговски, венецуелски…?Или, можеби како што некој рече, а можеби сакал и да цитира – Швајцарија на Балканите? Што од ова да им се накалеми на Македонците? На времето некој предлагаше славо-албанска држава, при што под славо би требало да разбираме Македонци. Иако, овде веќе подолго време токму Албанците се тие кои зборуваат, пропагираат и настојуваат да спроведуваат етноцентризам, и постојано се занимаваат со идентитески прашања, а Македонците погрдно ги нарекуваат Славо-Маќедонас без око да им трепне. Kој ги учи на овие глупости, не ми е познато, иако еден од нивните ментори се огласи како премиер на Албанија, Еди Рама, кој не може да си го среди хаосот во сопствениот двор, а дава совети како да ја „реши“ Македонја, пишува Ивановски.

Ако ова дома не можат или не сакаат да го видат, нагласува Ивановски, и ако четворката од ЕУ заедно со Јоханес Хан денес го стават во графата – „небитно“ – нештата навистина ќе отидат многу подалеку отколку што и најпесимистичните аналитичари и пророци сметаат дека ќе се случат.

-На маса треба да се стави нормална политичка платофрма, планови кои во фокусот имаат вистински рефроми, а не редефинирање на државата, планови за економија на брзи патеки, за брзи реформи кои имаат суштинско значење за иднината на сите, а не етно-колективни формули. Зборувам за државна политика и за национални интереси, а не за партиски. За почит кон една независна, суверена, демократска Македонија, земја со долга историја, традиција и култура. А, не ад хок земјиче за експерименти. Заврши таа прикаска, пишува Ивановски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top