| четврток, 6 декември 2018 |

„Шекспир во приказни“ вечерва во Турски театар

НУ Турски театар вечерва, во 20 часот, ќе ја изведе кореодрамата „Шекспир во приказни“, која е работена по делата на Вилијам Шекспир, а во режија и кореографија на Кери К. Невзати. Во претставата играат: Билјана Јовановска, Ерман Шабан, Зиба Радончиќ, Неат Али, Несрин Таир, Осман Али, Селпин Керим, Сузан Акбелге, Џенап Самет и Максим Петровски.

images

Претставата раскажува приказна за отуѓеноста меѓу луѓето, недовербата која ја гаиме еден кон друг, потребата грдите внатрешни пориви и конфликти да ги пренесеме на оние што нѐ опкружуваат, потрагата по себеси и по сродниот на себе, тежнеење кон љубовта и истовремено неможноста таа да се прими целосно, опседнатоста со моќ и желба за доминација, која несомнено води кон пропаст и смрт. Самоуништувањето како начин на живот. Но, по смртта на еден, животот почнува за нов никулец, со надеж дека отуѓеноста ќе ја снема, дека љубовта целосно ќе обзема и смеата ќе биде едно од многуте пријатни прибежишта.

– Фрагментите од драмите на Шекспир (Крал Лир, Ромео и Јулија, Сон во ноќта спроти Иванден, Магбет, Хамлет, Ричард Трети, Кротењето на опаката) се структурирани во современа приказна, во која ги препознаваме сликите и ликовите од делата на Шекспир. Неговите приказни се толку наши, неговите ликови се секаде околу нас – вели драматургот Викторија Рангелова.
Претставата се изведува со титл на македонски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top