| четврток, 6 декември 2018 |

На Државната кардиохирургија лани 388 операции

Државната кардиохирургија одлично се развива и одлично се етаблираше во општеството и меѓу граѓаните како една од најуспешните клиники особено во делот на кардиохирургија. Покрај успешниот прием и од пациентите во делот на кардиохирургијата, Клиниката се повеќе станува прв избор и за васкуларна хирургија. Минатата година е завршена со 388 операции  од кои 150 се васкуларна хирургија.

Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, кој заедно со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани ја посетија Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.

Тодоров посочи дека за васкуларна хирургија во минатото пациентите во најголема мерка се испраќале во приватните болници, каде се вршеле интервенции во најголем дел, а сега васкуларната хирургија има и на Државната кардиохирургија.

Истакна дека еден од најеминетните професори по васкуларна хирургија во Република Србија, Душан Бабиќ, кој една година живее во Скопје, работи со македонски тим васкуларни хирурзи кои веќе имаат одлични резултати и ги работат и најкомплицираните васкуларни операции.

– Исто така работат и операции заедно со кардиохирурзите. Двата тима и кардиохируршкиот и васкуларниот тим работат на сложени операции кога тоа го наложуваат околностите или кога докторите ќе проценат дека треба таков тип интервенции да се изврши. Во споредба со тоа што го имавме претходните години бележиме сериозен раст на бројот на пациенти, рече Тодоров.

Првата година, потенцира, се заврши со околу триесетина пациенти, потоа нешто над 100 пациенти, за оваа година да имаме веќе 388 операции, што е за трипати зголемување на бројот на интервенции во 2016 година во однос на 2015 година.

– Државната кардиохирургија одлично се развива согласно предвидените планови и прераснува во една од институциите кои се стожер на здравствениот систем во Македонија, нагласи Тодоров и им честиташе за посветеноста и на македонските доктори, но и на докторите од странство кои работат во оваа институција.

Посочи дека двајца доктори се враќаат од супспецијализација во Загреб.

– Беа испратени пред две години на супспецијализација во Клиниката „Ребро“ во Загреб за кардиохирургија, а од март веќе ќе бидат во Мојтермин вклучени, што значи дека ќе почнат да даваат услуги во нивната матична институција, Државната кардиохирургија, која ги испрати преку Министерството за здравство на субспецијализација во Загреб. Паралелно со тоа се врши едукација и на сите останати здравствени работници, рече Тодоров.

Еден добар дел од здравствените работници, појасни, беа на едукација во странство, некои во Триемли болницата во Цирих.

– Имаме одлична соработка со болницата од Цирих и професорот Омер Џемаили е тука како ментор кој со нашите кардиохирурзи ги изведуваат и најсложените кардиохирушки интервенции. Ако треба да направиме еден сублимат станува збор за една многу успешна приказна за еден многу успешен чекор кој е направен во македонското здравство, нешто што повеќе од 40 години за заговарало, говорело, се почнувало, застанувало, еве гледаме дека одлично функционира и одлично се развива, додаде Тодоров.

Директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски рече дека Универзитетската клиника за државна кардиохирургија е една од најбрзо растечките здравствени установи во Република Македонија особено во јавното здравство.

Потенцира дека од формирањето во 2014 година до оваа година бројот на пациенти на оваа Клиника е зголемен за десеттина пати. Од првата година од околу 30-тина пациенти, нагласи, 2016 година е завршена со интервенирани 388 пациенти или околу 15 пати повеќе пациенти од годината на формирање на оваа институција.

fzom

– Фондот за здравствено осигурување во рамки на нашите надлежности обезбеди дополнителен буџет за оваа јавна здравствена установа за 2017 година во износ од околу 20 милиони денари повеќе од она што беше буџет за оваа институција во 2016 година. Така што буџетот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во 2017 година ќе биде околу 79 милиони денари или за 20 милиони денари повеќе од буџетот во 2016 година со што ќе се влијае на зголемување на бројот на интервенции на оваа Клиника и зголемување на бројот на услуги кои ги даваат на граѓаните на Република Македонија, рече Стефаноски.

Истакна дека буџетот од формирањето на оваа институција во 2014 година заклучно со буџетот за 2017 година е зголемен за пет пати, што, според него, е уште еден доказ дека државата сериозно посветува внимание да го развива овој сектор. – Со враќањето на кадарот кој е испратен од Министерството за здравство на едукација во странство дополнително ќе се зајакнат и збогатат услугите кои ги даваат на нашите осигуреници, додаде Стефаноски.

Кардиохирургот Сашко Јовев од Државната кардиохирургија рече дека го следат трендот и го работат севкупниот спектар на кардиохирушки и големи васкуларни операции. Изрази надеж дека покрај тоа минимално инвазивно работат замена на аортниот залисток, наскоро ќе можат минимално инвазивно да работат и интервенции на митралниот залисток и некои други планови.

Главно, посочи Јовев, работиме севкупен спектар од кардиохирушки и големи васкуларни операции и многу сме задоволни.

133529004

– Одиме со се поголема бројка и одлична успешност. Веќе полека етаблираме и специјализација по кардиохирургија тука. Имаме тројца специјализанти директно по кардиохирургија, шест годишна програма, затоа што покрај мене како професор имаме и неколку визитинг професори кои постојано доаѓаат и одржуваат предавања и се во контакт со нашите специјализанти. Значи полека го етаблираме и тоа и второ специјализантите по анестезија веќе доаѓаат на турнус по кардиоанестезија и интензивна кардиохирушка нега кај нас. На сите полиња полека се развиваме и сме презадоволни, додаде Јовев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top