Јавноста следи политички натпревар меѓу СДСМ и ДУИ во однос на тоа кој ќе им понуди повеќе на Албанците во Македонија. Ваков е ставот на Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Моја проценка е дека откако ДУИ увиде дека се случи голем одлив на нивни гласови на контото на СДСМ, тие се вклучија во натпревар со најголемата опозициска партија. Мислам дека ДУИ е инспирирана во еден постизборен натпревар со СДСМ што се однесува на тоа „Кој ќе понуди поалбанска платформа“. СДСМ излезе со еден настап дека Заев нуди двојазичност, а сега ДУИ оди на политичко наддавање. Сакаат да докажат дека бараат многу повеќе за Албанците, со цел да бидат политички фактор“, смета Милошоски.
Додаде дека потегот на Заев беше непродуктивен од самиот старт и ќе продолжи да произведува дополнително непродуктивни платформи кои не се реална потреба на луѓето во нашата држава.
Милошоски истакна и дека етничката платформа што ја нуди ДУИ е непринципиелна со оглед на тоа што во Македонија немавме етничка, туку политичка криза. Додаде дека политичката криза доби своја разрешница со овие избори, а подготовката на ваквите платформи е подготовка за следните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.