| четврток, 6 декември 2018 |

Денес над Македонија се раѓа… синоќа имаше нови рефрени, УЧК, УЧК…

Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата…. Токму така почнува нашата химна, но на националната арена „Филип Втори“, синоќа, не преживеа ни првата реченица. Со свирежи  ја „распараа“ навивачите на Шкендија, „балистите“. Скандираа и УЧК, УЧК, потоа и Голема Албанија. Како да се на митинг, а не на фудбалски натпревар, на празник, како што сите земји на планетата го доживуваат финалето на националниот куп. Од спротивната страна, веднаш стаса одговор, со познатиот рефрен „За Шиптари гасни комори“ и „Алах е п.дер“. Декор веќе одамна присутен на фудбалските натпревари меѓу Шкендија и Тетекс што се играат во Тетово. Овој пат, се случи во Скопје, пред широк аудиториум, на финале на Купот на Македонија. Затоа одекна како бомба, со огромен негативен публицитет. Инаку, за жал, не е ништо ново.

Balistet

Атмосфера наметната од хулигани од кои, за жал, ни страда фудбалот, па и спортот во целина. Привилегирани и заштитени како мечки, прават што сакаат. За нив нема санкции, тие се над законот. Штетата ја плаќаат обичните гледачи, тие што, навистина, сакаат да ја празнуваат убавината на фудбалот, на спортот.

Затоа вистинските навивачи ги нема на стадионите, во салите, блиску до терените. Во Македонија, на тој простор наменет за спортистите, за искрените љубители на спортот, владеат хулиганите. Како никаде во светот. Дивеат, газат сѐ пред себе, прават што сакаат.

kup-ma-mk08

И, конечно, некој собра сила да им покаже заби, макар и со прекин на фудбалски натпревар, како што направи делегатот Тони Ивановски, на финалето во купот. Во заедничка акција со судијата Александар Ставрев и раководството на Фудбалската федерација на Македонија. Сите нормални апсолутно ја поддржуваат одлуката да не се игра во мизерна атмосфера на навреди, националистички извици, свирежи за химната, фрлање пиротехнички средства. Што е најважно, поддршката дојде од самите актери на теренот, од играчите од двата табора, тренерите и од раководството на клубовите.

– Ние сме спортисти и размислуваме само за игра на теренот. Жалиме за ваквиот начин на однесување од трибините. Сето тоа е дел од политиката и тоа треба да го коментираат други луѓе. Нам како на спортисти ни останува да видиме кога ќе се доигра натпреварот, да се концентрираме на играта и да се обидеме да победиме на фудбалскиот терен – изјави Артим Шаќири, тренерот на Шкендија.

Осуда на однесувањето на таканаречените навивачи, стигна и од таборот на Тетекс, екипа што од клупата ја предводи Горазд Михајлов.

– Финалето не ни почна како што треба, а предвремениот крај беше скандалозен. За жал, политиката го порази спортот, нешто што најмалку го посакувавме сите ние од двата клуба. Ќе се обидеме да останеме фокусирани на продолжението од финалето и, секако, да го освоиме трофејот – рече Михајлов.

Според последните најави од ФФМ, финалето веројатно ќе се доигра во јуни, по завршувањето на домашното првенство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top