Преку 600 водомери и домашни водоводни инсталации се замрзнати од студеното време, а екипите се постојано на теренот, информираат од „Водовод и канализација“ во Прилеп.
Според Сашо Николоски, директор на „Водовод и канализација“ загрижува енормната потрошувачка на вода за пиење што ќе доведе да се активираат бунарите.
– Поради стравот од измрзнување, граѓаните ги оставаат чешмите да течат што двојно ја зголеми потрошувачката на вода. Моментално Прилеп троши преку 450 литри вода во секунда. Изворот Студенчица нема голема дарежливост, во функција е и ТЕЦ „Осломеј“, па сето може да донесе проблеми во водоснабдувањето. Во подготовка сме да пуштиме во функција дел од бунарите, доколку потрае ваквото време. Апелот до граѓаните е да внимаваат со потрошувачката, повеќе да ги греат купатилата за енормно да не се троши вода, вели Николоски.
Николоски нагласува дека нема дефекти во водоснабдувањето на населените места. Под надлежност на прилепски „Водовод и канализација“ освен градот се и 23 населени места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.