Царинската управа на Република Македонија ја заврши 2016 година со вкупно остварени приходи од 72,9 милијарди денари што е 5,7 милијарди повеќе или 8,5 отсто во однос на 2015-та. Според Управата, успехот остварен при наплатата на приходите се должи на повеќе фактори, но пред се на зголемената финансиска дисциплина на сите учесници во трговијата.
– Ова е значителен успех при наплатата на давачките во надлежност на Царинската управа: давачки при увоз (царина, данок на додадена вредност, акцизи и надоместоци) и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет, информира Управата која лани, како што додава, наплатила 5,5 отсто или 3,8 милијарди денари повеќе од планираното.
За 2016 година беше планирано да се наплати 69,5 отсто од даночните приходи во буџетот на Република Македонија, а наплатени се 73,3 проценти. Во однос на реализираните приходи во 2015 година, во 2016 година е остварено значително зголемување на наплата на сите видови давачки.
– Ова зголемување е остварено при зголемување на вредноста на увозот од само 1,8 отсто. Износот на наплатени давачки е: ДДВ 42,1 милијарда денари или 6,5 отсто, односно 2,56 милијарди денари повеќе од наплатените во 2015 година, Царина 4,76 милијарда денари, или 9,9 отсто, односно 0,4 милијарди повеќе од наплатените во 2015 година, Акцизи 25,4 милијарди денари или 11,7 отсто, односно 2,67 милијарди повеќе и Надоместоци 0,68 милијарда денари или 8,4 отсто, односно 0,53 милијарда повеќе од наплатените во 2015 година, соопшти Царинската управа.
Како што додава, бизнис заедницата континуирано се запознава со царинските прописи преку редовни состаноци на Советодавното тело на Царинската управа и состаноци со групации на компании по сектори. Вакви состаноци се организираат на регионално и локално ниво, односно на ниво на царинарници.
– Кога компаниите ги познаваат прописите и сите нивни права и обврски при спроведување на царинските постапки, се намалува можноста за избегнување на плаќање давачки. Исто така, многу е важна соработката со институциите кои вршат контрола на внатрешниот пазар, особено со Управата за јавните приходи и Државниот пазарен инспекторат. Навремената размена на податоци во голема мера спречува даночна евазија, нагласува Царината.
Значаен придонес, смета, има и подобрувањето на системот за управување со ризик на Царинската управа при увоз (насочени контроли), подобри резултати со помалку извршени контроли.
– Иако изгледа контрадикторно, со помал број извршени физички и документарни контроли на стока во царинска постапка наплаќаме повеќе давачки. Постепено, во последните две години, процентот на физички преглед на стока е намален од околу 30 отсто на приближно 8,5 проценти. Тоа е постигнато со подобрување на системите за управување со ризик, односно прецизно насочување на контролите кон ризичните пратки каде се можни неправилности. На овој начин се подобрува и управувањето со човечките ресурси со кои располагаме, но и значително се забрзува постапката за компаниите. Така, во 2014 година, просечно време за спроведување на увозна постапка беше 89 минути, а во третиот квартал на 2016 беше 62 минути, објаснува Управата.
Резултат дадоа и насочените контроли кај компаниите по завршена постапка или т.н. пост контроли, но за успешна наплата на давачките придонесе и подобрувањето на интерните контролни системи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.