Во дебатата по резолуцијата на Европската комисија и Европскиот совет за напредокот на Македонија, европратениците вчера отворено побараа почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ.
Претседателката на Советот, Луцинда Крејтон, и комесарот Штефан Филе ги повторија заклучоците од декемврискиот самит и од пролетниот извештај на Европската комисија, односно дека по политичката криза продолжиле реформите, но оти останува да се спроведе докрај договорот од 1 март и да се најде решение за спорот со името.
Пораката на британскиот европратеник Ричард Ховит е јасна – лидерите во Скопје и во Атина треба да покажат храброст и да го решат проблемот со името, а лидерите на ЕУ да не го користат тој предизвик за ново одложување на почетокот на преговорите.
Најголемиот број од европратениците за време на повеќечасовната дебата ја поддржаа резолуцијата за која ќе се гласа утре и нејзината клучна препорака е – Европската унија да почне преговори со Македонија без одложување.
Против беа пратениците од Грција и од Бугарија, кои оценија дека за земјата не е единствен проблем името и односите со соседите, туку и внатрешната состојба посочувајќи притоа дека отсуството на политички дијалог, загрозената слобода на говорот и економските проблеми покажуваат оти Македонија не е подготвена за преговори.
Претседавачот со пленарната сесија пред да ја почне дебатата за напредокот на Македонија ја поздрави македонската парламентарна делагација, предводена од Ќенан Хасипи, која во Стразбур учествува на 11. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија.
Грчки европратеници силно и реплицираа попладнево на нивната колешка Дорис Пак откако таа ја повика грчката влада, конечно, да прифати компромис за името и да не ја блокира македонската евроинтеграција.
– Македонија заслужува да напредува и проблемот со името не треба да биде пречка. Така како што се договорија Белград и Приштина, треба да се договорат и Македонија и Грција. Грчката влада мора да најде начин и да прифати компромис за името – рече Пак.
На нејзиниот говор, освен грчкиот европратеник Николас Салаваркос, реплицираше и Словенецот Јелко Кацин, како потпретседател на делегацијата на ЕП за Југоисточна Европа. Тој рече дека крајно време е македонските лидери да се соочат со фактот дека деблокадата на интеграцијата на нивната земја лежи речиси целосно на нив. Тие треба да сторат сѐ што е во нивна моќ за да обезбедат европска иднина на својата земја, така што ќе се постигне компромис за прашањето за името со Грција.
Според него, најважните прашања со кои Македонија во моментов се соочува е загрижувачката состојба во сферата на медиумите и демократскиот дијалог меѓу владината коалиција и опозицијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



