| четврток, 6 декември 2018 |

Тунис и Исланд ремизираа, меч со две острици за Македонија

Во првиот натпревар од третото коло во групата Б на Светското ракометно првенство во Франција, репрезентациите на Исланд и Тунис ги поделија бодовите играјќи само 22-22.

tunis

Со овој резултат Македонија стрепи за пласман во осминафиналето бидејќи и двете репрезентации можат да се надеваат на пласман во следната рунда.
Сепак може да се каже дека на Македонија и се отвара шанса за повисоко место во групата и без победа во следните три натпревари, со само нерешен резултат во последното коло со Исланд.

Натпреварот стартуваше токму онака како што посакуваа Тунижаните, кои по почетните 3-3 влегоа во серија и набрзина дојдоа и до четири гола предност (4-8). Во овие моменти извонреден беше десниот бек Банур, кој постигна четири од првите пет погодоци на својата селекција. Исланд делуваше дезорганизирано, но зацврстувањето на одбраната и неколкуте одбрани на Густавсон ја вратија самодовербата кај оваа селекција.На четири минути до крајот на полувремето Исланд намали на 10-11, а на одмор се замина со два гола предност за Тунижаните (11-13). Во овој дел од мечот убедливо најдобар поединец беше Банур, кој постигна осум гола од девет обиди.

Советите на селекторот Свеирсон дефинитивно вродија со плод, па Исланд заигра далеку подобро на стартот од вториот дел, кога експресно направи пресврт и со серијата од 6-1 поведе со одлични 17-14. Тунис покажа карактер и не се предаде, стигна до израмнување на 18-18, а имаше и напад за водство, но Гудмундсон го одбрани ударот на Жалуз. Следеа два брзи гола на Сигурдсон и на Магнусон, Исланѓаните на шест минути до крајот имаа водство од 21-19, но потоа следеше наивно исклучување на Смарасон и експресен камбек на Тунис.

island

Пивотот Арнасон погоди во вистински момент по одбиена топка за 22-21, но Банур со својот 12. гол донесе ново израмнување на една минута до крајот. И двете селекции ги промашија своите последни напади, па мечот заврши со конечни 22-22.

Со ваквиот исход е јасно дека Македонија денеска нема да може да слави сигурен пласман во осминафиналето. „Црвено-жолтите“ во секој случај се многу близу до вакво остварување, за што им е потребно или да освојат најмалку еден бод во следните три кола, или во случај на три порази, Тунис во меѓусебниот дуел да не ја победи Словенија.

Во останатите два меча во терминот од 14.45 часот, фаворитите Шведска и Германија ги декласираа противниците јужно-американските репрезентации Аргентина и Чиле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top