| четврток, 6 декември 2018 |

Минимална но многу значајна победа на Словенија, Полска продолжува да тоне

slovenija 1

Во првиот натпревар од второто коло во Б групата на Мундијалот во Франција, словенечката репрезентација ја забележа и втората победа, откако во драматичен натпревар ја совлада селекцијата на Исланд, на која очајно и недостига Палмарсон со 25-26.

Натпреварот имаше две лица во кој првото полувреме двете репрезентации повеќе размислуваа на одбраната, па така Словенија и избраниците на Веселин Вујовиќ подобро се снајдоа и по првото полувреме имаа предност од три гола (11-8). Во овој период од играта двата голмана на Исланд и Словенија имаа неколку одбрани во серија со што дозволија да примат само по четири гола во првите 15 минути.

Исланѓаните не само што не се предадоа, туку и експресно возвратија на самиот почеток од второто полувреме. За четири минути игра стигнаа со 12-11, за во 36. минута да стигнат и до израмнување (13-13) со голот на Елисон од контранапад. Двајцата селектори не беа задоволни од голманите на стартот од вториот дел, па дојде до смена, Кастелиќ застана на голот на Словенија, а Едвардсон го замени Густавсон (седум интервенции во првото полувреме) кај Исланд. За разлика од првиот дел, во второто полувреме ракометарите многу полесно го наоѓаа патот до мрежата, а судиите од Кореја правеа грешки на двете страни, исто како што тоа беше случај и на првиот меч меѓу Македонија и Тунис.

slovenija

Вујовиќ го врати Матевж Скок на голот, одбраната на Словенија повторно доби на цврстина и оваа репрезентација поведе со 23-21, имаше и напад, но не го искористи по што Карасон погоди од сопствената половина во празната мрежа на противникот и го врати Исланд резултатски во натпреварот. Кавтичник не реализираше пенал, но на спротивната страна Скок му возврати на Густафсон, бранејќи го седмерецот на Сигурдсон, а потоа во клучен момент погоди Зарабец, кој дебитираше на мундијалот откако го пропушти премиерниот меч со Ангола. При резултат 25-24 судиите од Кореја не досудија очигледен прекршок врз Доленец, по што Исланд на нешто повеќе од 90 секунди до крајот. Зарабец ја имаше улогата на херој, крадејќи топка, по што бекот на Целје тргна сам во контранапад, го совлада Густавсон и стави печат на победата, изразена со конечни 26-25.

Марко Безјак со шест гола од седум шутеви беше најзаслужен за победа, а одлична игра прикажаа и Зарабец и Кавтичник со по четири погодоци. Кај Исланд најефикасни во вториот пораз на шампионатот беа Елисон со седум и Карасон со шест постигнати гола.

Словенија во третото коло в понеделник ќе се сретне со Македонија, додека Исланд утре го игра својот меч од третата рунда, во 14.45 часот против Тунис.

brazil

Во А групата во Париз, големо изненадување направи Бразил, кој ја продлабочи кризата на Полска на Талант Душебаев и ја совлада со 28-24 (16-11). Толедо со 8 и и Лангаро со 7 гола се истакнаа кај првакот на Јужна Америка, а Пачковски со 6 гола беше најдобар меѓу полуфиналистот од последните Олимписки игри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top