„Рускиот воз“, како што српските медиуми го нарекоа новиот воз кој ќе сообраќа кон Косово, тргна од белградската железничка станица кон Косовска Митровица.
Ова е првпат по повеќе од 18 години српските власти да воведат пробна железничка линија помеѓу Белград и Косовска Митровица.
Новиот воз е, како што велат српските медиуми, украсен со мотиви од културното и духовното наследство на Србите од Косово. Возот во внатрешноста е украсен со фрески од четири манастири на Косово кои се на заштитената листа на УНЕСКО од 2004 година, а од 2006 се и на загрозената листа на светски културни наследства, односно тоа се манастирите во Грачаница, Високи Дечани, Богородица Левишка и Пеќката патријаршија.
Возот од надворешната страна е украсен со знамето на Србија и со називите на најубавите српски цркви, манастири и средновековни градови на Косово, како и натписот „Косово е Србија“ на 21 јазик, меѓу кои и на албанскиот.
Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, изјавил дека не очекува косовските власти да го спречат возот при влегувањето во Косово, додавајќи дека ваквиот третман би имал врска со национализмот, шовинизмот и ограничувањето на основните човекови права.
– Има над десетина автобуси дневно кои одат од Белград до Приштина и Косовска Митровица, како и од другите градови. Не гледам зошто би постоела разлика во врска со оваа линија, чија цел е подобро да се поврзат деловите на нашата земја – рекол Ѓуриќ.
Косовската министерка за дијалог Едита Тахири, пак, побара ЕУ да го запре, како што рече, „нелегалниот српски воз“, за кој оцени дека претставува провокација во правец на дестабилизација на Косово.
– Србија продолжува со сериозните провокации против Косово, спротивни на духот на бриселскиот договор за нормализација на односите. Предупредувам на покренувањето нова илегална линија Белград – Митровица, бидејќи тоа е агресивно мешање во државната сувереност на Косово и уште еден доказ дека Србија сака да го дестабилизира Косово – изјави Тахири, јави порталот Кос сев, пренесува Танјуг.
Тахири истакна дека Србија станува опасност за мирот и стабилноста во регионот и меѓународната заедница мора да ја запре Србија.
– Србија има опасен план, кој би требало да не загрижи сите нас – и Косово и меѓународните партнери. Ова сега е провокација кон Косово, што укажува дека Србија отворено ја покажува својата агресивна политика, која го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и национална безбедност, изјави косовската министерка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.