Млад професор доктор, кој ја имал Јапонија на дланка, пред седум години решава да се исправи пред поинаков предизвик во својот живот и преку своето образование да им помогне на младите луѓе токму во Македонија. Махди Косрави од Иран своето знаење за информатичките науки го пренесува на студентите на охридскиот универзитет „Св. Апостол Павле“. Посетил многу места во Македонија, а, како што открива за „ Република“, најмногу му се допаѓа животниот стил на луѓето. Според него, Македонците се народ што знае како да го живее животот среќно и, навистина, знае како да успее во него
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Косрави: Мојата прва посета во Македонија беше во септември 2010 година. Откако се здобив со титулата професор доктор во Јапонија, имав интервју на Универзитетот за информатичка наука и за технологија во Охрид.
Тоа беше амбициозен проект, кој имаше цел да им помогне на младите луѓе во Македонија да го промовираат својот живот преку информатичката наука.
Почувствував дека можам да помогнам за оваа навистина важна задача и го потпишав договорот, по што допатував во Македонија. По моето пристигнување во Македонија сѐ течеше добро и лесно.
Доаѓате од земја со поинаква култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се приспособите на животот овде?
Косрави: Културната разлика е, навистина, голема меѓу овдешната и таа во Јапонија, исто како и овдешната и таа во Иран. Но, откако го прифатив предизвикот, тоа не беше тешко прашање за мене. Имав одлична идеја во својот ум сѐ со цел да им помогнам на луѓето, да ја завршам својата задача за подобрување на истражувањето и на образовната структура во Македонија. Поради големиот ентузијазам имав голема цел, која можев добро да ја менаџирам. Исто така, морам да посочам дека моите колеги во Македонија и пријателите ми помогнаа многу за да го постигнам тоа. Имав добри пријатели со кои можев да седнам и да споделам убави моменти.
Дали Македонците Ви помогнаа кога имавте потреба за тоа?
Косрави: Да, ми помогнаа многу за многу работи.
Кое е Вашето мислење за Македонците?
Косрави: Според моето гледање на работите Македонците се народ што знае како да го живее животот среќно, без разлика на можностите што ги има околу себе. Македонците, навистина, знаат како да бидат среќни и да успеат во животот. Животот, навистина, станува убав кога не ги следиме далечните соништа за да ја достигнеме среќата и токму тоа е тоа што многумина знаат како да го постигнат. Имам видено многу луѓе во светот што работат и заработуваат пари, но не ги користат за задоволство и за среќа бидејќи мислат дека парите треба да се штедат за најтешките моменти од животот.
Во Македонија луѓето одржуваат вистинска рамнотежа меѓу работата и уживањето во животот. Тоа е убавината, начинот на кој мислат и гледаат на животот.
Колку имате слободно време за да патувате низ Македонија?
Косрави: Во академските кругови ние немаме многу слободно време. Навистина имаме ограничено време со огромни обврски. Како и да е, јас имам патувано многу низ Македонија. Сум бил во Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Штип, Дебар и, секако, во Охрид и во Струга.
Кои, според Вас, се најдобрите места за посета во Македонија?
Косрави: Лично за мене е многу убав патот меѓу Дебар и Маврово. Таа природна убавина е прекрасна. Друго место во Македонија за кое малкумина луѓе знаат е водопадот во Ростуше. Лоциран е токму на патниот правец од Дебар до Маврово, на само 15 минути од Дебар. Исто така, треба да споменам дека стариот стил на бањата со топла вода во Дебар може да биде, навистина, интересна за туристите. Многу пати сум бил и во Косоврасти.
Ви се допаѓа ли храната овде? Македонските рецепти?
Косрави: Печените пиперки со лукче се храната што ја сакам најмногу во Македонија. Тој рецепт е одличен и добро направен.
Како професор на Универзитет во Македонија, кое е Вашето мислење, дали студентите во Македонија се паметни и упорни?
Косрави: Студентите во Македонија имаат голем талент, но не се многу упорни и трудољубиви.
Дали Ви недостига Вашата родна земја?
Косрави: Всушност, ми недостига, родната земја е родна земја на крајот на краиштата. Имам прекрасно семејство во Иран. Иако тие ја ценат мојата амбиција и патувањето, како и работата низ светот, но потребно им е моето присуство покрај нив. Претходно тие постојано зборуваа за оваа потреба, но сега и јас, исто така, ја чувствувам.
Кои се Вашите планови, ќе останете ли во Македонија?
Косрави: Пред шест години кога дојдов во Македонија имав силно чувство дека мојата задача во Македонија е клучна и многу потребна за системот. Како и да е, повеќе го немам тоа чувство. Мислам дека ја завршив својата мисија во Македонија и, можеби, е време да заминам. Многу работи се променија откако дојдов овде. Се сеќавам дека тогаш целиот борд на универзитетот бевме странци. Но денеска имаме многу добри колеги од Македонија што го менаџираат универзитетот, образованието и истражувањето. Ќе заминам во иднина, но би сакал да ги одржам моите контакти со Македонија и со универзитет на кој ги поминав најдобрите години од својот живот за да помогнам да расте и да се развива. Кога пристигнав на универзитетот тоа беше втората година од основањето. Тоа, навистина, беа неговите бебешки чекори, но денес универзитетот има студенти од втор и од трет циклус студии и има навистина амбициозни цели пред себе.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 228 бр на Неделнкот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!