| четврток, 6 декември 2018 |

Ракометарите го почнуваат мундијалот во Франција: Вечерва ќе ја бодриме Македонија

makedonija-rakomet-zname

Денеска во 17:45 македонските ракометари ќе го имаат својот прв настап на Светското првенство во Франција. Противници на нашите момци денеска ќе им бидат ракометарите на Тунис со кои имаме непријатно искуство откако нѐ совладаа во клучниот квалификациски натпревар за Олимписките игри во Рио.

Селекторот Лино Червар за нашиот прв противник исткна дека се квалитетна и опасна репрезентација со брзи крила.

– Доста го анализиравме Тунис. Многу веројатно и тие го направија истото. Играчите се сеќаваат на последниот меч кога загубивме од нив, кога ни го уништија олимпискиот сон. Но, никако не смее да се размислува за одмазда затоа што таа може да не „убие“ и лошо завршува. Со добар мотив мора да истрчаме на терен, да покажеме дека сме добри и дека добро трениравме во изминатиот период. Знаеме каков е противникот, тие се една добро воиграна репрезентација, а како плус го добија и Санаи, играч кого го употребуваат и во одбраната. Имаат опасна полуконтра, две брзи крила кои добро соработуваат со Жалуз, а најопасни се во транизцијата во напад. Знаеме дека против нас ќе имаме противник кој мора да го респектираме.

Македонија на ова СП по Тунис ќе игра со Ангола на 14 јануари, со Словенија на 16 јануари, со Шпанија на 18 јануари, а групната фаза ја завршува со Исланд на 19 јануари.

draw-wc-2017

 Лазаров: Moра да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже

Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кире Лазаров пред денешниот меч против Тунис истакна дека со своето искуство може да ги понесе помладите да не бидат преимпресионирани од натпреварот.

– Најважно е она што ќе се покаже на теренот, па можам да кажам дека сме добро подготвени и дека сме максимално мотивирани да сториме сè за да ја израдуваме нацијата. Од нас секогаш се очекуваат најголеми дострели и најдобри резултати, а ние секогаш и се обидуваме да дојдеме до нив, но некогаш таквите очекувања знаат да бидат и нереални. Многу пати сме гореле во желбата да дојдеме до победа на некој значаен натпревар, па сега не смееме да си дозволиме такво нешто, мораме да играме смирено, интелигентно, да ја користиме секоја шанса што ќе ни се укаже, вели Лазаров.

Утринска фотографија и одлична атмосфера меѓу ракометарите

 Македонските ракометари во одлично расположение го очекуваат денешниот меч против Тунис. Капитенот Кирил Лазаров направи фотографија утрово на тимскиот појадок, најавувајќи дека ова е ден за почеток на нов мундијал.

kapitensko selfi

Покрај Кире, на масата се и сите оние од кои се очекува да бидат главни носители на товарот на планетарниот собир. Ние само можеме да им посакаме вакво селфи, во победнички стил, да има и од соблекувалната, по средбата со Тунис.

Корејски судии ќе ја делат правдата на мечот Македонија – Тунис

Младите судии Ли Сеок и Ко Бонок од Јужна Кореја се делегирани да ја делат правдата на натпреварот помеѓу Македонија и Тунис во Мец, во првото коло од групата Б на Светското првенство во Франција.

sudii korea

Се работи за млада судиски двојка, која вторпат ќе води натпревар од еден мундијал и која е релативно непозната за нашата јавност. Натпреварот треба да мине во атмосфера на многу туниски навивачи во градот, а попладнево и во арената.

 Триумфалната капија во Париз во боите на Македонија

Кратко пред почетокот на Мундијалот во Франција кој беше отворен вчера со победа на домаќинок над Бразил, Триумфалната порта во Париз беше обоена со боите на сите 24 ракометни нации кои наизменично се менуваа, а меѓу нив секако беа и националните бои на Македонија, жолтата и црвената.

porta

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top