Мора да сфатиме дека сега влегуваме во еден нов циклус и еден добар тим не се гради за еден месец или со едни подготовки. Тоа е заблуда. Не сум од оние тренери што ветуваат сѐ и сешто и на крајот разочараат, изјави селекторот на македонската ракометна репрезентација за „Република“ кратко пред да заминат на Мундијалот во Франција.
– Јас сакам да бидам искрен и затоа ќе кажам дека секогаш сум гладен за успех, иако по седум години повторно се појавувам со репрезентација. Свесен сум дека не сме Франција или некоја ракометна велесила, но знам дека Македонците многу го сакаат ракометот. Македонија, можеби, е единствената земја каде што ракометот е омилен спорт. Сега, како една од најмладите репрезентации, она што би сакал пред сѐ е да ги направиме гледачите во Македонија задоволни со нашиот настап. Без разлика дали ќе победиме или загубиме, би сакал гледачите да бидат задоволни ако нашите играчи како вистински Македонци се борат и даваат сѐ од себе, да не се предаваат пред време. Тоа мислам дека сите Македонци сакаат да го видат. Да бидат горди со ракометарите што ќе играат во националниот дрес, истакна Червар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.