| четврток, 6 декември 2018 |

Давид си ја отвори душата: Чекав 10 месеци без играње и без плата, време беше да заминам

david-babunski

Давид Бабунски реши да се раздели со Црвена Звезда, одлука која не е изненадување со оглед на малата минутажа која ја добиваше од тренерот Миодраг Божовиќ, но потег кој предизвика и разни шпекулации во српските медиуми и меѓу навивачите.

За да нема недоразбирања, македонскиот репрезентативец како и многупати досега ги искористи социјалните мрежи да им се обрати на навивачите и да им ја објасни својата одлука.

– Звезда беше идеално место во кое сакав да се ревалоризирам како фудбалер, да го развијам мојот фудбалски потенцијал и да добијам важен скок во кариерата… Клубот ми понуди голем спортски проект и поддршка, реакоа дека ќе бидам наследник на Грујиќ и многу важен играч за иднината на клубот. Како што се гледа, тие не го одржаа својот збор. Трпеливо чекав 10 месеци без играње, без плата и без никаков прекршок на дисциплината од моја страна. Работев професионално и во ниту еден момент не изјавив и не направив нешто што можеше да го загрози респектот кон било кој во клубот.

– Но, дојде денот кога требаше да реагирам, имав состанок со челниците на клубот, искрено го изразив задоволството што сум дел од клубот и овој град, но поради тоа што не напредувам фудбалски, морав да донесам одлука бидејќи другите играчи добиваа поголема шанса да играат. Од сите играчи кои доаѓаа и си одеа во јануари и јуни 2016, само јас не добив вистинска шанса, пишува Бабунски на Фејсбук.

Тој вели дека го почитува тренерот Божовиќ, но и тој не ги исполнил своите ветувања, а имал и специфичен систем на игра.

– Не можам да го обвинувам тренерот, тој има свои идеи, ја освои титулата и на пат е да ја одбрани. Но, кога еднаш ми рече: Бабуне, немој она твоето како Чави, Иниеста и Меси, двојни додавања низ средината. Додавај ја топката на страна, во простор, сфатив дека мојот начин на игра никако не влегува во неговата фудбалска визија. Јас можам да се адаптирам, но не можам целосно да го променам стилот на игра кој го изучував 10 години, вели македонскиот интернационалец.

Целото негово обраќање може да го прочитате на следниов пост на Фејсбук.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top