Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска во Њујорк ја одржа првата прес-конференција по изборот, на која наведе дека „мисли дека Русија стои зад хакирањето“.
Трамп на прес-конфернецијата, закажана во 17 часот по локално време, задоцни неколку минути.
– Убаво е да се биде со Вас, рече Трамп и наведе дека се навикнал на секојдневните конференции за медиумите, но дека тие сега не се одржувале затоа што имало „многу неточни вести“.
Освен тоа, Трамп на почетокот на прес-конференцијата им се заблагодари на оние од медиумите кои не ги објавувале „тие глупости кои можеби ги објавувале разузнавачките агенции“.
Како што кажа на средбата со новинарите, доколку разузнавачките агенции навистина ги објавиле спорните документи, што тој ги нарекува „лажни вести““, тоа ќе биде голема дамка врз нивното наследство.
Трамп, исто така, наведе дека се радува за својата инаугурација, на 20 јануари, за која рече дека ќе биде на убав ден.
Првото прашање беше за скандалот околу наводното хакирање, а Трамп одговори дека „мисли дека е тоа Русија“, но дека во тоа учествувале и други поединци и други земји.
На прашањето за неговиот однос со Русија, Трамп наведе дека „доколку на Путин му се допаѓа Трамп, тогаш тоа е предност, а не маана“:
– Дали навистина мислите дека Хилари Клинтон беше поостра кон Путин? Дали некој верува во тоа? Ма ајде.
Трамп одговори и на прашањето за извештајот во кој се наоѓаат доверливи документи во кои пишува дека Русите тврдат дека имаат компромитирачки лични и финансиски податоци за Трамп.
Кремљ, меѓутоа, тврди дека Русија не поседува „компромитирачки“ податоци за Трамп.
Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп на денешната прес-конференција, најави дека автомобилските компании ги измениле плановите за префрлувањето на капацитетите во странство, додавајќи оти се надева дека фармацевтската индустрија на „која многу и е дозволено“ и која има голема моќ, ќе биде следна.
По прашањето за програмата на „Ф-35“ авионите, новоизбраниот претседател на САД најави дека заедно со генералите подготвува големите проекти.
– Ќе имаме конкуренција, но тоа ќе биде одлична работа – наведе Трамп, нагласувајќи дека тој ќе ја предводи и администрацијата на воените ветерани.
Тој истакна дека немал „никакви договори, никакви долгови, позајмици, ниту отворени проекти“ со Русија.
– Минатиот викенд ми беа понудени два билиони долари за проект во Дубаи со мој пријател. Прекрасен човек. Одбив. Не морав, бидејќи како што знаете немаше конфликтна ситуација оти сум претседател. Би можел да управувам со земјата и со мојата компанија истовремено. Ни би ми се допаднало, но би можел ако сакам – потенцираше Трамп, најавувајќи дека менаџментот на компанијата целосно ќе им го препушти на неговите синови Дон Џуниор и Ерик и оти тој целосно се повлекува.
Во прилог на тоа покажа документ како доказ дека целосно ја предал контролата на бизнисот на неговите синови, па ја повика и адвокатката, која го потврди она што тој го наведе.
– Ми нареди мене и на моите колеги да дизајнираме структура врз основа на која, тој ќе биде целосно изолиран од менаџментот на компанијата. Иако не постои конфликт на интереси во неговиот претседателски мандат, тој не сака во мислите на народот на САД да постои ниту тронка сомнеж дека тој не е целосно посветен, наведе адвокатката.
Таа нагласи дека фондот ќе биде креиран на 20 јануари и дека ќе биде составен од пари и различни инвестиции, како и „постоечки бизнис бенефиции – голф клубови, одморалишта, хотели, недвижнини“, повторувајќи дека менаџментот ќе биде „во рацете“ на синовите на Трамп, Дон и Ерик, како и на трета личност – советник.
– Доналд Трамп ќе се откаже од секое поврзување со „Трамп Организацијата“, а веќе се откажа од многу аспекти на истата. Нема да има нови соработки со странски земји за време на неговиот претседателски мандат и тој нема да разговара со неговите синови за новите бизниси. Ќе знае за работата онолку колку што ќе дознае од медиумите, истакна адвокатката.
Воено, таа наведе дека Трамп нема да прифаќа подароци од странски земји, освен од оние кои немаат врска со неговиот мандат.
– Тој дури и ќе го донира секој профит што ќе го остварат неговите хотели од странските претставници, нагласи таа.
Во продолжение на конференцијата, Трамп беше прашан за програмата за медицинска заштита „Обамакер“, реформа во која администрацијата на Барак Обама вложи многу напори и пари, а која републиканците многу ја критикуваа, Трамп рече: „конечно, мислев дека ова прашање никогаш нема да ми го поставите“, по што оцени дека „Обамакер“ е „целосна катастрофа“.
– Конечно прашање за „Обамакер“. Тоа е проблем на демократите што ние ќе го искорениме и ќе им направиме услуга. Само да одобрат се за да можеме да го спроведеме нашиот план, со кој сето тоа адекватно ќе се промени. Ќе имаме подобра и многу поевтина здравствена нега, најави Трамп.
Тој повтори дека зголемените даноците за бизниси надвор од границата ќе останат и ќе бидат спроведени, но и дека ѕидот со Мексико дефинитивно ќе биде подигнат.
– Го почитувам Мексико, претставниците и народот. Не ги обвинувам нив што ги искористија САД, но ѕидот мораме да го подигнеме. Се спроведува план за собирање пари и реализација, но штом ќе го средиме тоа, ќе подигнеме ѕид кон таа земја, потенцираше Трамп.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп на денешната прес-конференција одби да одговори на прашањето на новинарот на Си-Ен-Ен за појавувањето на доверливи документи објавени во медиумите. Трамп повеќе пати документите ги оцени како лажни.
– Не препорачувам реформи на новинарскиот систем, само лица кои имаат морален компас, истакна Трамп на прашањето за реформи на медиумите.
На прашањето дали ако продолжи со постојаните критики можно е да ги ослабне разузнавачките служби, тој наведе:
– Разузнавачките агенции се круцијални, многу, многу важни. Ќе поставиме таму некои фантастични лица, посочи Трамп, потенцирајќи дека за 90 дена ќе има извештај за хакирањето со цел да се запре таквиот нов феномен.
Тој беше запрашан дали може да каже дали во текот на кампањата навистина немал контакт со Русија и која е неговата порака до Путин.
– Немаше потреба. Русија ќе има многу поголемо почитување за нашата земја кога јас ќе ја водам, отколку додека тоа го правеа други. Мораме нешто да смислиме, не е само Русија, 22 милиони налози се хакирани во оваа земја од страна на Кина, а тоа е така бидејќи немаме одбрана, посочи Трамп, додавајќи оти Кина „економски целосно ги искористува САД“.
Како заклучок од прес-конференцијата, Трамп повтори дека управувањето со компанијата го остава на неговите синови и оти се надева дека ќе направа добра работа во следните осум години, а во спротивно ќе мора да им подели отказ.
Инаугурацијата на Трамп ќе биде на 20 јануари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.