-Не е добро политичари од регионот да влечат чекори за потреби на претстојни избори. Целта е да создадат слика дека раководат со сите политички партии со етнички предзнак во регионот. Разбирливо е дека тоа се прави и за внатрешна употреба и за сопствениот рејтинг дома. Но, сепак, овие практики се надвор од нормална меѓусоседска соработка. Најдобро е пред секој обид за демонстрирање на глобално лидерство, секој добро да погледне во сопствениот двор. Така, политичарите и во тие земји ќе се фокусираат на подобрување на домашните слабости- се наведува во реакцијата на министерот за надворешни работи Никола Попоски по изјавата на албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати во која коментираше за внатрешните случувања во Македонија и Македонците ги именуваше како „Славо-Македонци“.
За потсетување, шефот на албанската дипломатија Бушати зборувајќи за улогата на Тирана при креирањето на платформата на партиите на етничките Албанци во Македонија, Македонците ги нарече Славомакедонци.
-Рамноправноста, слободата и демократијата како три базични елементи на Рамковниот договор не се имплементираат на вистински начин, или на начинот што е предвиден со Охридскиот договор, што остава впечаток или горчлив вкус дека се работи за две конситутивни заедници Славомакедонците и Албанците, кои едни со други недоволно комуницираат. односно дека во земјата има „две конситутивни заедници Славомакедонците и Албанците“- изјави Бушати.
-Проблемите со правниот систем, борбата со криминалот и корупцијата, основните човекови права и слободи се дел од оние кои се идентификувани од Европската комисија кај нашиот сосед, а и на други места. Објективно, сите ние имаме повеќе од доволно домашни проблеми за да се занимаваме со туѓите. Секако, претходниве точки треба да се приоритет пред еден политичар да се впушти и во идејни толкувања на Уставот на соседна земја. Не верувам дека ова е приоритет за даночните обврзници во неговата земја, особено при толку нерешени прашања дома.
Кој како именува некого е веројатно и одраз на почит и воспитување. Ние сме Македонци и ништо повеќе, ниту ништо помалку. Ниту еден демократ не би имал потреба групно или племенски да етикетира. Денес, во Европа е потребен речник и култура за 2017 година, а не за 1913 година- се додава во реакцијата на шефот на македонската дипломатија Попоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.