Фондот за здравствено осигурување на Македонија ќе овозможи лековите „клексан“ и „фраксипарин“, антикоагуланси кои се на болничка листа и редовно се рефундираат, да бидат на рецепт, тримесечна терапија за хроничните болни лица и локатор на најблиска аптека и здравствени установи кои имаат склучено Договор со Фондот.
Ова се проектите од фармацевтската дејност кои денеска на состанок ги разгледуваат директорите на ФЗОМ, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани, заедно со претседателот на Фармацевтската комора на Македонија, Биста Ангеловска и стручните служби на двете институции.
– Нашата политика е да бидеме транспарентни и координирани, синхронизирани со сите еснафски здруженија и со сите оние кои можат да ни помогнат во реализација на одредени наши замисли и проекти и во нив да бидат вклучени сите релевантни стручни лица од сите комори, за да дојдеме до издржани решенија кои ќе значат нивно реално спроведување на терен и подобрување на условите и унапредување на правата за здравствена заштита на осигурениците, изјави Стефаноски.
Посочи дека со Фармацевтската комора разговараат за повеќе проекти кои ќе бидат од исклучително значење за нивните осигуреници, а тоа ќе значи зголемена достапност за лекови до секој осигуреник и добивање поголемо право на нивниот осигуреник во фармацевтскиот дел.
Во врска со проектот за тримесечна терапија за хронично болни пациенти истакна дека ќе разменат мислења кое е најдоброто решение и методологија за негово спроведување, а да се рефлектира добро за осигурениците и аптеките.
– Ќе ги развиваме потребните критериуми, ќе размислуваме како најбрзо да го имплементираме овој проект и да го исполниме нашето ветување и можеби на крајот на првиот квартал во 2017 година, овој проект да биде оперативен и нашите осигуреници да ги користат неговите поволности. Вториот проект е поврзан со делот на ИТ секторот, а тоа ќе значи олеснување на пребарување на јавни и приватни здравствени установи особено аптеки кои имаат склучено договор со Фондот, рече Стефаноски.
Потенцира дека планираат за сите корисници на смартфони да креираат една апликација која ќе им биде од корист, затоа што ќе може преку нивниот телефон да ја утврдат најблиската аптека до нивната позиција или место на живеење, која аптека е отворена, дежурна итн.
Појасни дека тоа за што денеска разговараат е во насока на унапредување на правата на нивните осигуреници, а ќе отворат и теми кои ќе значат унапредување на меѓусебната соработка меѓу Фондот и Фармацевтската комора, која е на исклучително високо ниво.
Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека за лекот „клексан“ во 2015 година со рефундација се исплатени околу 10 милиони денари. – Сега сметаме дека ќе можеме да најдеме модус и да може пациентите да го подигнат со рецепт во аптека, додаде Рамадани.
Ангеловска рече дека даваат поддршка на проектите кои Фондот ги поставува како целни проекти за подобрување на снабдувањето и сакаат да се подобрат и условите на работење во аптеките односно разговараат и за оние проблеми и забелешки кои ги даваат нивните членови во однос на потребите на вработените во аптеките.
Одговарајќи на новинарско прашање Стефаноски рече дека буџетот на ФЗОМ во делот на лекови на рецепт за 2017 година е околу три милијарди денари, е дистрибуиран на 774 аптеки со кој Фондот има склучено договор т.е. преку утврдени квоти.
Посочи дека од она што го имаат како податок во нивниот систем е дека во целост за 2016 година конкретно за декември 2016 година се уште не била искористена квотата од 100 проценти.
– Граѓанинот има право да одбере во која аптека ќе оди и ќе го најде лекот. Ние сме свесни за одредени проблеми и токму затоа креираме проекти кои ќе ги реализираме во текот на оваа година, кои ќе значат олеснување на лоцирање аптека во која има соодветна квота и од каде ќе може да го подигне лекот. Ако пред десетина години буџетот на Фондот наменет за лекови на рецепт изнесувал само 800 милиони денари, сега тој буџет е неколку пати поголем и изнесува околу три милијарди денари, додаде Стефаноски одговарајќи на новинарско прашање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кастинвест се откажува од грантот од Фондот за иновации
-
Криминал при поделбата на 10 милиони денари од Фондот за иновации?
-
Ако одите на одмор во странство: ФЗОМ со важно известување до сите граѓани
-
ФЗОМ не сака преку медиумите да комуницира со своите партнери, најавува средба со Здружението на приватни гинеколози