На изборниот победник мора да му се остави толку време колку што му е потребно за да се договори владина коалиција што ќе одговара на изборните резултати, нагласува професорката Тања Каракамишева во интервју за „Телеграф“.
Никаде во Уставот не е наведено дека претседателот на државата треба мандатот за формирање на владата да му го додели на друг мандатар доколку мандатарот на партијата што освоила најголем број гласови не успее да состави влада. Во согласност со Уставот, може да има само еден мандатар. Уставот не предвидел резервен, или втор мандатар, нагласува професорката Тања Каракамишева пред денешното доделување на мандатот за формирање влада од страна на шефот на државата.
Таа објаснува дека не смее да се повтори грешката од 1992 година кога тогашниот претседател Киро Глигоров го прекрши Уставот со доделувањето на мандатот за состав на влада на Бранко Црвенковски.
– Ако коректно и без политичко-партиски навивања се чита членот 90 од Уставот, може да се види точната намера на уставотворецот кога ја напишал на конкретниот начин. А намерата е во ниту еден случај, макар и теоретски, да не се остави правна можност да се заобиколи изборниот победник и да се навлезе во водите на политичкиот волунтаризам. Не случајно членот 90 не регулира поинаква ситуација од единствената логична и можна. Не случајно Уставот не содржи уште една уставна одредба каде што ќе биде регулирано што во случај ако мандатарот не успее да состави влада во уставно утврдениот рок од 20 дена. Уставотворецот намерно не оставил простор да се формираат некакви вештачки постизборни мнозинства преку кои би се изиграла изборната волја на мнозинството граѓани во државата. Ставот 1 од член 90 прецизно регулира кој е мандатар во државата – објаснува Каракамишева.
– Во согласност со Уставот, може да има само еден мандатар. Уставот не предвидел резервен, или втор мандатар. Ниту Уставот, ниту Законот за влада, ниту Деловникот на Собранието, ниту кој било друг правен акт во земјата не регулира резервна варијанта која би се применила ако мандатарот не успее да состави влада во уставниот рок од 20 дена. Во членот 90 од Уставот прецизно е уредено дека Претседателот на РМ е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Од овој член, како и од сите натамошни членови јасно може да се согледа дека Уставот не регулира резервна постапка која би настанала ако мандатарот не успее да состави Влада во рокот од 20 дена. Тоа значи дека постапката мора да се врати од почеток и согласно Уставот истиот мандатар да проба повторно да состави Влада. На изборниот победник мора да му се остави толку време колку што е потребно за да се договори владина коалиција која ќе одговара на изборните резултати – додава таа.
– За жал, во РМ еднаш ни се случи противуставно формирање влада во 1992 година кога тогашниот претседател на РМ, Киро Глигоров, го прекрши Уставот со доделувањето на мандатот за состав на влада на Бранко Црвенковски кого практично противуставно го назначи за мандатар. Оваа противуставна практика не смее да биде повторена од страна на претседателот Ѓорге Иванов, бидејќи институциите во државата мора да работат и да дејствуваат исклучиво по словото на Уставот и на законите во земјата, како и согласно принципот на владеење на правото, а не согласно политичките потреби на политичарите. Секое излегување од рамката и од содржината на уставните норми ќе значи своеволно толкување на највисокиот правен акт во земјата, што е недозволиво и спротивно на Уставот – вели професорката Каракамишева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Каракамишева: Денес почнува кампањата за македонското самоубиство!
-
Каракамишева: Успешен референдум ќе ја испере вината на странците и посебно вината на власта!
-
Каракамишева до сите политичари: Македонците ги исцртаа црвените линии, со нас веќе играње нема!
-
Деканот Давитковски да ги сопре дискриминацијата и насилството на Правниот факултет