„Јавна соба“ центарот за дизајн и за иновации распишува повик за сите македонски дизајнери, студија за дизајн и производствени компании што сакаат да ги претстават своите најнови производи пред пошироката регионална публика на фестивалите за дизајн во регионот и воедно да стапат во контакт со претставници на концептуални продавници и дистрибутери од соседните држави. Учеството е бесплатно и има за цел да го стимулира развојот на дизајнерската сцена во Македонија, во поглед на продуктивност, самоодржливост и иновативност, информираат од „Јавна соба“.
– Време е да се охрабриме, умешно да го спакуваме и да го претставиме надвор од нашите граници сето она што неколку години внимателно го создаваме. Заеднички да ја промовираме македонската дизајн сцената и нашата земја. Како неформални претставници на дизајн секторот во земјава имаме обврска да ги мобилизираме сите активни продукт, модни и графички дизајнери, да ги мотивираме да размислуваат извозно. Фестивалите се одлична можност за иницирање на соработка со концептуални продавници од Белград, Загреб, Сараево, Тирана, Пловдив и Софија, а изложувањето во комерцијалните зони е секако од голема корист за било кој дизајнер, дизајн студио или производна компанија од Македонија. Во концептуалната продавница во „Јавна соба“ од пред шест месеци се продаваат парчиња мебел, накит и облека од млади дизајн брендови од целиот регион, време е и ние да покажеме што може да произведеме и извеземе! Патот е отворен, на нас останува реализацијата – велат од „Јавна соба“.
Селектираните производи ќе патуваат во период мај – ноември, 2017 во организирана форма, како „Изложба на македонски дизајн – 2017“, вели директорката на проектот, Тамара Георгиевска.
Учество во изложбата на македонски дизајн може да земат сите модни, графички и продукт дизајнери, дизајн студија и компании од Македонија кои имаат изработено производ или се во финална фаза на изработка на нов производ /прототип. Се охрабруваат сите дизајнери, архитекти, инженери кои сакаат да ги афирмираат производите и остварат вмрежување со продавачи и дистрибутери од земјите од регионот да се пријават на овој повик.
На регионалните фестивали се очекува да се настапи со избор на 15 до 20 иновативни продукти, кои ќе имаат можност да ги видат неколку стотици илјади луѓе на Балканот. Проектот за промоција и извоз на македонски дизајн е во организација на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.