| четврток, 6 декември 2018 |

Дејан Ангеловски, музичар: Секое место е посебно на некој свој начин, но Источна Европа е мојот омилен дел од светот

Се посветив на музиката воден единствено од љубов и страст да научам повеќе. Денес сум многу среќен што можам да го работам она што го сакам и да живеам од тоа - навистина е благослов, вели Дејан

Покрај Ѓорѓи Шарески и “The Instincts“на роденденската забава на Центарот за дизајн и иновации „Јавна Соба“ гостува диџејот чија музика може да ја слушнете на најголемите светски фестивали за хаус музика!
ANGEL ANX настапува на Tomorrowland, Elrow, Ultra Festival, Ushuaia Ibiza, Global Gathering, Sensation White и многу многу други музички фестивали ширум светот. Заедно со Umek и Valentino Kanzyani се тројцата светски најпознати дџеи кои доаѓаат од мал град.
Ова е интервју со словенецот Дејан Ангелoвски, човекот кој ќе стои зад диџеј пултот на 27. октомври во Јавна Соба. Не случајно работата на АNGEL ANX ја поддржуваат најголемите имиња во музичката индустријата и диџејството во светот, како Solomun, Groove Armada, Fatboy Slim, Eric Prydz, Pan-Pot …

Дали имаш формално музичко образование, или твојата музичка кариера е резултат на твојата страст и љубов кон музиката?
-Се посветив на музиката воден единствено од љубов и страст да научам повеќе. Денес сум многу среќен што можам да го работам она што го сакам и да живеам од тоа – навистина е благослов.
Кога и каде го имаше првиот настап како диџеј?
-Во 1999 година прв пат го видов своето име на флаер на клубот “Jazz” во Крањ, Словенија од каде и доѓам. Таму и во клубот “Heaven” во Требиње беа моите први посериозни настапи.
Која од твоите песни ти е најдрага? Кажи ни нешто повеќе околу тоа како се создаваше.
-Имам многу траки кои ми се драги. Во моментов сум највозбуден околу новите на кои работам. Но, ако морам да одберам една тоа би била мојата трака “Boompie”. Не можам најточно да се присетам на времето кога ја создавав, но веројатно замислував како среќни луѓе танцуваат на неа некаде додека ја креирав.
Од каде доаѓа твојата инспирација?
-Инспирацијата ја наоѓам насекаде; во мојот љубовен живот, во моето семејство, во потребата да сакаш и да бидеш сакан… Но она што навистина ме мотивира и ме води понатаму во кариерата е фидбекот кој го добивам од публиката додека настапувам. Исто така и кога ќе слушнам дека моите траки ги пуштаат дј-и и продуценти кои ги почитувам и им се восхитувам е знак дека сум на добар пат.
Кој фестивал или ноќен клуб во Европа е местото каде што најмногу сакаш да бидеш?
-Секое место е посебно на некој свој начин, но Источна Европа е мојот омилен дел од светот и во сите тамошни клубови и фестивали уживам најмногу. Добивам неверојатен фидбек на подиумот и навистина се чувствувам добредојден.
Што може да очекуваат љубителите на електронска музика од твојот настап во Јавна Соба?
-Многу нова, одлична хаус музика. Ќе имаат можност премиерно да слушнат повеќе мои траки кои штотуку ги завршив или ќе ги завршам до гостувањето во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top