| четврток, 6 декември 2018 |

Никовски: Платформата на албанските партии е антиуставен ултиматум

Антиуставниот ултиматум на Тирана и Приштина кој нашите тројански коњи ни го испорачаа како услов за формирање на нова влада не е прашање со кое треба да се соочи мандаторот на новата влада, кој и да е тој, вели Ристо Никовски

Антиуставен ултиматум, вака политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор, Ристо Никовски ја оценува заедничката платформа на македонските албански партии којашто вчера беше презентирана пред јавноста.

„Антиуставниот ултиматум на Тирана и Приштина испорачан преку нивните тројански коњи во земјава мора да оди на референдум. Тој не е надлежност на мандатар“, вели Никовски за Нетпрес.

Според Никовски, платформата пропагира нелегално редефинирање на државата и додава дека нема унитарна држава која е двојазична и нема никаква потреба Македонија да биде прва.

„Се работи за документ за нелегално редефинирање на државата кој мора да оди на референдум. За такво нешто мора да одлучува народот а не мандатар на било која нова влада. Ново е што, овој пат, промената на уставниот карактер на државата не ни е подметнат по неуспешна војна за “ослободување на албанските територии“ во државата (2001),  во која ние, сепак, бевме поразени. Сега, со овој ултиматум, токму преку договорот од Охрид, кукавички подметнат од страна на Вашингтон и во негова режија, се бара завршување на големоалбанскиот проект. Ако народот го прифати анти уставното редефинирање на државата на референдум – така мора и да биде. Ако, пак, спротивно на иредентистичките аспирации на Тирана и Приштина, целосно поддржани од Вашингтон, не прифати уставно редефинирање тоа ќе мора исто така да се почитува. Инаку, во светот нема унитарна држава која е двојазична и нема никаква потреба Македонија да биде прва“, вели Никовски.

Албанските партии кои освоија пратенички места на последните избори вчера излегоа со заедничка платформа и барања кои треба да бидат прифатени и исполнети од македонските партии со цел да се формира ново парламентарно мнозинство доволно за формирање влада.

ДУИ, БЕСА, ДПА и Алијанса за Албанците, како што соопштуват, ќе биде основа на партиите на Албанците во преговорите за формирање на нова влада.

Преку платформата се бара албанскиот јазик да добие статус на официјален јазик на целата територија на земјата, економска рамноправност,  решавање со учество на албанските партии на спорот за името со Грција како наводен услов за интеграции во Европската унија и НАТО, но и непристрасна работа на Специјалното јавно обвинителство, и редица барања, меѓу кои и резолуција за осуда на „геноцид врз Албанците во Македонија“.

Платформата доаѓа само недела дена по средбата на лидерите на четирите албански партии со премиерот на Албанија, Еди Рама во Тирана. По објвувањето на платформата, Рама на социјални мрежи напиша дека станува збор за историски исчекор и притоа истакна дека Албанците во Македонија не се борат за фотељи.

Реагираа и политичките субјекти во земјава за ТМРО станува збор за уцена кон македонскиот народ. Претседателот на партијата, Ванчо Шехтански побара платформата да биде отфрлена од сите останати партии.

„Таканаречената Албанска политичка платформа за учество во сегашна или идна македонска влада, за ТМРО е уцена до македонскиот народ и македонската држава со јасна провокативна божиќна порака, или двојазична федерација или војна. Дадените политички координати од Тирана го отвараат и правото на реципроцитет помеѓу овие две држави за малцинствата“, вели Шехтански.

Од Левица велат платформата е провокативна и беспредметна. Оттаму во своето соопштение велат дека во услови кога голем процент од населението во  Македонија живее во сиромаштија, а Македонија е земја со највисоки класни разлики во Европа, земја речиси без социјални програми, заедничката платформа на ДУИ БЕСА и Алијансата за Албанците е провокативнa и беспредметнa.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top