Дејан Пројковски повеќе од една година е директор на Македонскиот народен театар (МНТ), а воедно е еден од најактивните режисери во земјата и во странство. Освен што режира театарски претстави, тој соработува и со ансамблот на Македонската опера и балет (МОБ) каде што ја режираше спектакуларната опера „Евгениј Онегин“. Го очекува и режијата на мјузиклот „Тајно моја“, кој ќе се постави на сцената на МОБ. Соработува со дизајнерката Тања Кокев (Кларис) и со Македонската филхармонија, а во почетокот на следната година заминува за Истанбул, каде што ќе ја режира „Ромео и Јулија“. Претставата „Бура“ во Подгорица предизвика вистинска бура во Црна Гора, а ја паметиме и неговата работa во театрите во Русија.
Тој е иницијатор и на „Ноќ со ѕвездите“, едно поинакво славење и празнување на Нова година во кое беа споени театарот, музиката и стендапот, со еден збор, ноќ за паметење каде што главни ѕвезди беа актерите и шоумените Игор Џамбазов и Сашко Коцев, во придружба на „Гуру харе бенд“. МНТ организираше и новогодишен маратон каде што цената на билетот беше популарни 100 денари, а публиката можеше да ужива во шест претстави.
– МНТ полека, но сигурно се наметнува како еден од важните театарски центри во Југоисточна Европа и тоа е наша сериозна заложба – вели во интервју за „Република“ Пројковски.
За 2017 година Пројковски најавува две големи европски режисерски имиња, нов, огромен мјузикл направен според лиценца, сериозна разработка на детската сцена, враќање кон некои домашни автори, кои ќе се обидат повторно да ги претпочитаат и да им го најдат контекстот во денешнината.
Пројковски е во брак со актерка на Драмски театар Билјана Драгичевиќ – Пројковска со која имаат два копродукциски проекта, ќерките Дарија и Антонија.
Дали сте во период кога како директор на МНТ ги пронаоѓате вистинските креативни предизвици?
ПРОЈКОВСКИ: Тоа што е важно е дека МНТ во моментов, по три години во новата зграда, може да се каже дека е профилиран во тој нов естетски правец, кој си го зададовме со влезот во новата зграда и мислам дека по огромниот спектакл како што беше „Мајсторот и Маргарита“ на Иван Поповски, „Животот е прекрасен“ на Морфов, потоа „Тартиф“ на Галин Стоев, мјузиклот „Чикаго“, кој беше првиот бродвејски мјузикл со лиценца во Македонија, може да се каже дека точно сме ги препознале креативните предизвици. Продукцијата, и тоа што го гледаме, како и посетеноста покажуваат дека сме наишле на одличен прием кај публиката и на фестивалите во странство. Се движиме во точна насока и треба да продолжиме од проект во проект да си даваме нови предизвици, кои секогаш ќе бидат нов стимул за сите нас.
Годината што изминува беше мошне успешна за Вас како режисер и како директор на националниот театар. Имавте премиера со „Соларис“ во Виена, „Прекината одисеја“ во Скопје и во Полска, гостувања во Романија и во Русија. Се развива ли МНТ како што сакате?
ПРОЈКОВСКИ: МНТ полека, но сигурно се наметнува како еден од важните театарски центри во Југоисточна Европа и тоа е наша сериозна заложба. Нормално беше силната продукција што ја создаваме да резултира со наши гостувања. Едно од најуспешните гостувања воопшто во историјата на МНТ се случи годинава во Виена со фестивалот „Винер фествохен“ каде што сме копродуценти-партнери со фестивалот од Виена. Трите светски премиери се случија во Виена. Тоа е сериозно завршена успешна приказна. Бевме во селекција со тоа што е, буквално, најдоброто од Европа во моментов. На еден начин, МНТ беше во театарската Лига на шампиони во Виена. Истото ни се случи во Клуж, Романија. Тоа е голем, сериозен фестивал, кој ги селектира најдобрите продукции на националните театри и тука повторно бевме во една неверојатна програма, која сама за себе говори кое е нивото на МНТ. Со „Прекината одисеја“, која ја работевме со полскиот партнер, мислам дека им се оддолживме на децата-бегалци од Егејска Македонија. Направиме претстава, која, конечно, ја третира темата како што треба. По 10 изведби низ Македонија, тоа што беше за нас вистински празник и радост беа десетте претстави во Полска. Кога играте македонска приказна, македонска историја во друга земја, големо е значењето и гордоста на сработениот проект. Сите претстави ги игравме во полни сали.
Секогаш одбирате масовни претстави и по габарит и по значењето што го носат. Зошто постојано избирате да работите големи автори?
ПРОЈКОВСКИ: МНТ ја носи одговорноста како национален театар и, според моето мислење, тој треба да биде театарската водилка и театарската гордост на една земја. Тука е местото на големите спектакли и претстави. Сега влегуваме во вистинска фаза за МНТ каде што ја добивме зградата и ги имаме сите технички капацитети за да создаваме големи претстави. Но, тоа што е многу важно е дека имаме актерски ансамбл со кој апсолутно се гордеам и сметам дека тоа е нашиот главен адут. МНТ го има предвидено правецот на тој „железен репертоар“ на враќање на сцената на големите, класични дела. Со оглед на тоа што во моментов го нуди телевизијата или други медиуми, театарот стана единствено место каде што се враќаат големите, вистински теми, каде што сѐ уште човекот е центарот на светот.
Дали за еден уметник е важно да патува, да се среќава со колеги од различни земји, да разменува искуства?
ПРОЈКОВСКИ: Патувајќи, човекот станува духовно побогат, поискусен. Само така може да придонесе во средината во која работи. Многу е важно искуството, собирањето на различните начини на работа, на методологии. Патувањето и средбата со колеги за еден уметник е апсолутно важно, особено ако говориме за менаџерски позиции или позиции каде што треба да води театарот и да се насочува кон каде треба да движи.
Вреди ли да се бориме за остварување на своите соништа?
ПРОЈКОВСКИ: Човек во уметноста не може да постои без соништа. МНТ е театар што многу сонува, но, во исто време, сите заедно на сцената се обидуваме да ги остваруваме нашите соништа. Се ова што ни се случува изминатиот период е, навистина, остварување на голем број на соништа. Велат дека човек за да сонува треба да биде доволно возрасен за да знае што посакува, односно сонува, а, од друга страна, да биде доволно млад за да има снага и сила да ги исполни соништата. Така се обидуваме да го движиме МНТ – од една страна со своите 73 години историја како дрво со длабоки корења да бидеме доволно возрасни, мудри да знаеме што сакаме, што сонуваме. Од друга страна, со сета актерска и креативна енергија да бидеме силни и да може да ги остваруваме нашите соништа. Со секоја премиера, со секој аплауз, ние веќе следниот ден почнуваме повторно да сонуваме. Мислам дека тоа е смислата на театарот.
Освен во Македонија, режирате и во странство. Последната претстава „Бура“ во Подгорица помина одлично. Како се наоѓа време да се подготвуваат големи претстави и да се менаџира МНТ?
ПРОЈКОВСКИ: Кога човек се занимава со уметност и е на менаџерска позиција многу е важно да најде време за да го развива и да го негува уметникот во себе. Уметноста, особено театарот, го диши мигот. Театарот е единствена уметност што е сега и тука и секогаш зборува за мигот, така и авторите и менаџерите мора да го живеат тој миг. Многу е важно човек секогаш да биде во полна креативна снага. Само така може да помага и на куќата што ја води и да ги остварува контактите надвор, да знае што е во моментов важно, да ги следи трендовите.
Ја режиравте спектакуларната опера „Евгениј Онегин“ во МОБ, пред тоа „Змејовата невеста“, сега ве очекува и режијата на мјузиклот „Тајно моја“. Како Ви се чини гостувањето во МОБ?
ПРОЈКОВСКИ: Операта за мене е едно многу убаво откритие како режисер. По две режирани опери, со нетрпение ја чекам следната средба со ансамблот на МОБ. За мене операта отвори ново креативно поле, нова можност каде што можам да се заигрувам на еден поспецифичен, поинаков, но, сепак, сопствен режисерски јазик. Следна фаза е мјузиклот „Тајно моја“. Мислам дека со „Бура“, кој е еден огромен спектакл во Црна Гора, и „Евгениј Онегин“ го надминав стресот со голем број луѓе, голема продукција, големата одговорност на денот на премиерата. Човек кога ќе го надмине тој стрес се враќа на почетокот – дека театарот е игра и како мало дете се обидувам колку што е можно повеќе луѓе да ги заразам да влезат во таа зараза, таа игра наречен театар и сите заедно да се заигруваме.
Долго време соработувате и со Тања Кокев (Кларис), со Македонската филхармонија…
ПРОЈКОВСКИ: Тања во себе го има чувството за театралност и знае да си игра со костимите, со стиловите, што е многу интересно за мене. Драго ми е што се случи одлична ревија со одлични коментари. Човек кога работи ревија треба да се труди максимално да помогне за присутните да влезат во светот и креацијата на креаторот. Кога се работи со креатор како Тања, задоволството е големо.
Што содржи програмата на МНТ за 2017 година?
ПРОЈКОВСКИ: Можам да најавам две големи европски режисерски имиња со кои мислам дека ќе отидеме уште еден чекор погоре. Можам да најавам огромен мјузикл направен според лиценца, сериозна разработка на детската сцена, враќање кон некои домашни автори. Ќе се обидеме повторно да ги претпочитаме и да им го пронајдеме контекстот во денешнината.
Ќе режирате ли наскоро претстава во која ќе игра вашата сопруга, актерката на Драмски театар Билјана Драгиќевиќ-Пројковска?
ПРОЈКОВСКИ: Билјана играше во мојата прва претстава што ја работев во Драмски театар, „Падот на невиноста“. Оттогаш не сме се сретнале на сцената. Многу ја почитувам Билјана како актер бидејќи има посебен сенс, специфичен актерски израз и мислам дека сигурно може да се роди интересна соработка. Имаме два успешни копродукциски проекти – две ќерки. Поголемата ќерка ќе биде актерка, а помалата нѐ режира сите по дома, мислам дека ќе биде режисер.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 227. број на Неделник Република кој излезе во печат на 6.01.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!