Граѓаните да не патуваат и да не излегуваат од дома доколку немаат поголема голема потреба. Да носат топла облека, да конзумираат топли напитоци и доколку треба да работат на отворено тоа да го прават со паузи.
Ова се дел од препораките до граѓаните во пресрет на најавениот студен бран што според УХМР ќе ја зафати земјава од вечева. Температурите се очекува во текот на ноќта да се спуштат до -13 степени, а во недела до -20 степени.
Засега, како што информираа на прес-конференција, портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, портпаролката на Центарот за управување со кризи Надица Вчкова и директорката на Здравствен дом Скопје Татјана Баевска Вучковиќ, состојбата е стабилна, има прекини во сообраќајот за тешки товарни возила на Стража и Маврово-Дебар и од попладнево и на Пресека. Воздушниот и железничкиот сообраќај се одвиваат без застои. Предизвици има само во снабдувањето со електрична енергија во Тетовоско и на потегот кај Шуто Оризари, на што се работи на санирање на состојбата.
Сите надлежни институции се на терен и како што рече Ѓорѓиев ќе останат и натаму за да одговорат на предизвиците што ќе се појават од најавеното време.
Апелираа и до граѓаните за поголема граѓанска свест за да се надмине состојбата со помали последици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.