По повод денешниот христијански празник, „Свети Наум Охридски“ денеска, пред голем број верници, претставиници на МПЦ и локалната самоуправа, пред црквата „Свети Наум“ која интензивно се гради во „Паркот на Револуцијата“ во Прилеп се одржа водосвет и кршење на славскиот колач.
Бошко Талекси од Иницијативниот однор за изградба на црквата нагласи дека ова е голем празник кој соодветно се чествува, а црквата ќе се доизгради в лето оваа година.
– На сите православни христијани им го честитам денешниот празник Свети Наум Охридски Чудотворец. Оваа црква се гради со поддршка на МПЦ и локалната самоуправа и очекуваме таа да биде завршена во јули оваа година, изјави Талески.
Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески рече дека оваа е четврта црква што се изгради во Прилеп во последните неколку години.
– Претходно без изградени црквите „Свети Константин и Елена“ во типската населба, црквата „Свети Пантелејмон“ во кругот на градската болница и црквата „Света Петка“ во населбата Точила, а сега верниците ќе имаат уште една црква во нашиот град. Во иднина се планира Прилеп да добие уште три нови верски храмови кои треба да се изградат во населбите Тризла, Сточен пазар и Марино Маало, нагласи Ристески.
Моментно, додаде, интензивно се работи на обновата на конаците на манастирот Трескавец, а претходно комплетно нови конаци добија манастирите „Св. Преображение“ во Зрзе, манастирот „Св. Никола“, во село Манастир – Мариво, а се изгради и источниот конак на манастирот „Св. Архангел Михаил“ во населбата Варош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.