| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто палиме свеќа во црква и што значи тоа: Следниот пат сетете се на ова…

Кога христијаните влегуваат и се молат во Божјите храмови палат свеќи за здравје за себе и за своите најблиски. Но, знаете ли која е вистината за овој чин, зошто се пали и што тоа значи?

Палењето свеќа има длабока симболика, Светиот Симеон Солунски ни кажува дека свеќата ги има следните значења:

Ја симболизира чистотата на нашата душа, зашто е направена од чист восок.

Мекоста на душата врз која можеме да напишеме било што.

Божјата Благодат, зашто восокот доаѓа од мирисни цветови.

Обожувањето, кое треба да го достигнеме, зашто таа се пали со оган и го храни.

Светлината Христова, која ја гори и осветлува темнината.

Љубовта и мирот, особини на секој Христијанин, зашто, додека гори, таа со својата светлина го просветува и утешува човекот кој е во темнина.

Палејќи свеќа ние треба да се потсетиме дека треба да живееме во светлината која сме ја добиле преку крштевањето (просветување).

Восокот од кој се прават свеќите треба да биде чист, а се добива од пчелите кои го собираат само добриот полен од цветовите. Восокот го симболизира и начинот на кој Огнот, односно Божеството, се соединува со душата и ја омекнува и просветлува и неа и оние кои се во нејзино опкружување. Свеќата, како што гори, ја просветлува околината. Така и совесниот Христијанин, кога се жртвува за Божјата љубов, ги просветува луѓето и им го покажува патот на спасението.

Кога се оди во Храмот, верникот треба да запали свеќи за живите и за покојните. Тоа треба да биде проследено со молитва, за живите да бараме милост и заштита, а за покојните успокојување и спасение на душите.

Свеќата на крштението ја симболизира духовната светлина која ја прима новопросветениот и која треба да ја сведочи и покажува пред луѓето. Свеќите на погребот, гробот и поменот ја симболизираат светлината Христова, која се молиме да го просвети покојниот и да го упокои на место светло, блажено, каде нема тага, ниту воздишка, но живот бесконечен.

Полиелејот во Храмот ја симболизира небесната црква, каде свеќите и кандилата ги претставуваат светителите. Затоа, во манастирите, во одредено време на богослужбата, полиелеите се нишаат, за да се покаже како и небесниот свет учествува во славењето на Бога.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top