Не помина ни една недела од „Изложбата на албанските политички лидери од Македонија во Тирана“ организирана од сликарот и премиер Еди Рама, а Балканот зовре. Ферментираните националистички духови што ЕУ и САД ги држат затворени во шише излегоа повторно на виделина.
Иако без никаква провокација од Македонија српскиот и грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас и Дачиќ речиси во ист глас ни порачаа дека може да нѐ снема. Грубата порака од Белград и од Атина, иако се однесува на Македонците на кои, меѓу редови, им беше порачано дека без поддршка од православните соседи не можат да ја добијат битката со албанскиот фактор, има и друга намена. Таа, пред сѐ, беше упатена кон Еди Рама, кој се дрзна да ја планира македонската иднина без главните фактори „одговорни за поделби и за спојување територии и луѓе во регионот“.
Пораката до Рама е јасна: тој нема право сам на своја рака да спроведува агенда во Македонија, особено ако во неа не се води сметка за интересите на другите соседи.
Со други зборови, на Рама му беше кажано дека ако сака да ја дели Македонија ќе треба за тоа да се договара со Белград. Сега ни останува да почекаме само абер од Софија, која во моментов се соочува со внатрешни проблеми, но како земја што секогаш била меѓу најгласните инструменти во расштимуваниот балкански оркестар, наскоро ќе пушти глас за Македонија. Освен ако Бугарија, конечно, не се освести и не увиди дека силна, стабилна и пријателска Македонија е од интерес и за „правителството“ во Софија.
Пресметана злоба на Малиот Слоба
За изјавата на грчкиот министер Коѕијас има логично политичко оправдание имајќи предвид дека неговата влада се наоѓа пред избори и тој мора да ја засили националистичката агенда, но за српскиот шеф на дипломатијата Дачиќ, особено ако за неговите изјави има дозвола од премиерот Вучиќ, има простор за загриженост. Човекот што поради идолопоклонството кон Слободан Милошевиќ го нарекуваат Малиот Слоба има лични, партиски и државни причини да ја напаѓа Македонија. На една година од наредните избори во Србија Дачиќ има амбиции пак да се вмеша во трката за премиер. Тој се надева на намалување на рејтингот на „народните“ и посилна опозиција со што би дошол во ситуација без него да не може да се прави влада и повторно како во 2012 година да стане премиер како лидер на третата партија по големина. За таа цел му се потребни гласовите на српските националисти, кои вообичаено се палат на сите соседи ако за тоа им се даде добра причина. Се разбира, Дачиќ знае дека оваа целна група нема да ги препознае неговото лицемерство и двојни стандарди.
За Дачиќ е проблем што Македонија го признала Косово, а не е проблем што Обединетите Арапски Емирати, кои станаа главен српски надворешен партнер со него како министер за надворешни работи, не само што го признаа Косово туку во 1999 година, додека некои Македонци по налог на Белград ја палеа амбасадата на САД во Скопје јавно го поддржаа бомбардирањето на Србија од страна на НАТО. Дачиќ знае дека тие на кои им се обраќа ќе заборават дека Македонија во знак на добра волја дозволи прослава на 100 години од војна во која беше распарчена. И на крајот Дачиќ како шеф на дипломатијата не можеше да го премолчи однесувањето на Рама. Како претставник на земја што 150 години има хегемонистички нагони на Балканот, Дачиќ мораше индиректно да нѐ потсети на тезите на САНУ, кои и лично ги бранеше и поради кои своевремено беше на црната листа за патување во ЕУ. Тој уште еднаш покажа дека српската војска во 1991 година си замина од Македонија, но никогаш ме се откажа од правото да се врати во неа ако биде „повикана“.
Како да одговори Македонија
За Македонија, особено во период на техничка влада според Договорот од Пржино, е навистина тешко да одбере политика со која ќе одговори на провокациите од соседите. Најдобар начин да се одговори на хегемонистичките обиди на соседите е да се продолжат реформите во согласност со препораките на Прибе, конечно да се извади на виделина дека Грција по ниедна цена не сака договор за името и да се добие датум за почеток на преговори, но тоа во овој момент е повеќе од тешка мисија. Тешкотијата е особено голема ако се знае дека ниту ЕУ ниту САД не го осудија потегот на Еди Рама. Замислете што би се случило ако еден ден владата во Скопје ги повика на консултации партиите на Македонците во Албанија, Србија, Грција и во Бугарија и на таа средба се разговара за некакви политички платформи во овие држави. Или замислете Франција да ги повика валонските, а Холандија фламанските партии во Белгија на договор за формирање влада во Брисел. За жал, ниту ЕУ ниту САД не го осудија директното мешање на Албанија во внатрешните работи на Македонија со што оставија простор во кој сите шпекулации според кои Рама работи по нивна сугестија ги претворија во реални сценарија.
И Рама и актуелната администрација во заминување во САД и бриселската бирократија знаат дека не смеат да дозволат поради нивната омраза кон ВМРО-ДПМНЕ да воведат нови принципи на однесување на Балканот затоа што можат да бидат доживеани како дозвола за менување на границите во регионот.
(Текст објавен во 227. број на неделникот Република, 6.1.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.