Се апелира до граѓаните што немаат особена потреба за патување во текот на викендот да не патуваат, а транспортерите што можат да ги одложат своите транспортни рути во текот на викендот да ги одложат доколку тоа не им предизвкува економска штета.
Тие што ќе патуваат задолжително да поседуваат зимска опрема за сообраќај и за чистење на патиштата, пакети за прва помош и определено количество вода и храна.
Управувачкиот комитет за кризи синоќа, по најавата од Управата за хидрометеоролошки работи за врнежи од снег и за многу ниска температура на територијата на Македонија во наредните денови, донесе повеќе подготвителни превентивни мерки.
– Во однос на можните проблеми со снабдувањето со електрична енергија, Управувачкиот комитет донесе заклучок со кој компанијата ЕВН треба да формира тимови што ќе бидат со зголемена мобилност и зголемена оперативна подготвеност и кои ќе треба да реагираат во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија – рече Александар Георгиев, портпарол на Владата.
Што се однесува до ризикот во однос на сообраќајот, на состанокот е донесен заклучок екипите на ЈП Македонија пат да бидат во постојана оператива, готовност за реакција на определени критични точки кои постојат на патиштата, а доколку има потреба ќе биде воведена и забрана на движење на тешки транспортни возила на определени потези на патиштата од четврток до понеделник.
Граѓаните ако имаат потреба од медицинска или каква било друга помош и ако се најдат во неповолна ситуација може да се јават на телефонскиот број на ЦУК, 195 или да се јават на телефонскиот број на Црвениот крст – 3139 578.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.