На стартот на 20. коло во Премиер лигата, по ремито без голови помеѓу Мидлсброу и Лестер, следуваа четири меча на кои што беа постигнати дури 13 гола.
По тешкиот дерби натпревар на „Енфилд“ против Манчестер Сити, Јирген Клоп направи само една измена во екипата, и тоа Даниел Стариџ на местото на Џордан Хендерсон на гостувањето во Сандерленд. Токму црномурестиот напаѓач донесе водство за „црвените“ во 19. минута. Лошата одбранбена реакција на домашните фудбалери ја искористи англискиот репрезентативец, кој со глава ја зафати топката испратена од Дејан Ловрен.
Џермејн Дефо од пенал го израмни резултатот, а една минута подоцна, истиот играч имаше шанса да направи комплетен пресврт.
Во второто полувреме, двете екипи тргнаа поофанзивно, а Мане во 72 минута го доведе Ливерпул повторно во предност. Десетина минути подоцна, истиот играч беше трагичарот за „редс“ откако играше со рака во својот шеснаесетник, а реализатор од белата точка, повторно беше Дефо. Ова беше и последен меч за Мане пред Купот на Африкански нации.
Екипата на Манчестер Сити иако остана без Фернандињо уште во првото полувреме поради црвен картон, стигна до победата од 2-1 против Барнли со гловите во второто полувреме. Стрелци на головите за избраниците на Пеп Гвардиола беа Клиши и Агуеро во 58 и 62 минута. Барнли успеа само да го ублажи поразот со голот на Бен Ми во 70 минута.
Во останатите два дуела Евертон во дербито славеше со 3-0 над Саутемптон, а ВБА ги собра трите бода откако направи целосен пресврт во мечот со Хал (3-1).
Последниот меч од денешната програма се игра во Лондон меѓу екипите на Вест Хем и Манчестер јунајтед.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.