Нека претстојните празници ни донесат нова сила, нова радост, позитивни мисли и обновена надеж за исполнет живот во мир, просперитет и благосостојба, истакна денеска претседателот Ѓорге Иванов во новогодишното обраќање до граѓаните.
Шефот на државата порача да се извлечат поуки од многуте кризи и предизвици со кои се соочи државата годинава.
– Годинава што одминува сакаме што побргу да ја заборавиме. Во неа се соочивме со многу кризи и предизвици. Редно е да извлечеме поуки од сето тоа и да излеземе посилни, помудри и поодговорни. Да не дозволиме се што беше негативно да ни се повтори, рече Иванов.
Новата 2017-та година, посочи, кај секој од нас буди нови очекувања, нови надежи, нови желби. – Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности, на потребата да бидеме солидарни, хумани, праведни… Овие денови кога празнуваме и се радуваме се можност да се навратиме на она што секој еден од нас го направил за своето семејство, за своите пријатели, за своите соседи, за своето општество, за својата држава, наведе македонскиот претседател.
На граѓаните на Македонија им посака пред сè, многу здравје, радост, љубов и добрина.
– Вашите желби нека станат реалност, а реалноста нека биде поубава и поблагопријатна за сите нас. Да постигнуваме успеси на кои сите ќе се радуваме. Да си простуваме и да се почитуваме. Да си помагаме и да се поддржуваме. Во се што правиме, свесно да го поттикнуваме најдоброто во нас и најдоброто кај другите. Бидејќи само така ќе ја градиме Македонија како хумано, солидарно и праведно општество. Нека претстојните празници ни донесат нова сила, нова радост, позитивни мисли и обновена надеж за исполнет живот во мир, просперитет и благосостојба, истакна претседателот Иванов во новогодишното обраќање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на 73. Генерално собрание на ОН
-
Каракамишева со апел до Иванов: Претседателе, имаме милион аргументи на наша страна, искористете ги
-
Мицкоски: Држава без економска слобода е земја на несреќни граѓани
-
Претседателот Иванов им посака успешен настап на членовите на џез-квартетот „Форплеј“ од САД во „Вила Билјана“ во Охрид