| четврток, 6 декември 2018 |

Уапсени џихадисти кои го меркале Мадрид

Шпанската полиција открила видеоснимки на вооружени џихадисти пред фотографија на плоштадот Пуерта дел Сол во Мадрид, каде што десетици илјади луѓе се подготвуваат да ја дочекаат новата година со засилени безбедносни мерки, соопштија во петокот правосудни извори.

Станува збор за редок случај на директна закана за Шпанија, каде што досега џихадистичките пројави беа ограничени. Откривањето на овие снимки следеше откако во средата беа уапсени двајца шпански државјани, Едризо Кесеј Сануво и Самли Сенуни Моух, на коишто судија од Државниот суд, специјализиран за дела од тероризмот, им изрече мерка притвор.

Двајцата мажи се снимале со автоматски пушки „АК-47“ и воен нож со ознаки на екстремната сунитска организација Исламска држава и со знамето на оваа џихадистичка групација што е проследено со исламистички песни и џихадистички извици.

Против нив е покрената судска постапка поради славење на тероризмот и вооружување, а во нивниот стан полицијата открила пет шаржери за бојна пушка и муниција.

„На некои снимки се гледаат мажите со маски и оружје пред Пуерта дел Сол, плоштадот на кој мадриѓани секоја година масовно ја дочекуваат Новата година“, изјавил за AFP неименуван правосуден извор.

Претходно во петокот беше објавено дека властите на шпанската престолнина Мадрид планираат да распоредат уште 1.600 полицајци во текот на новогодишниот викенд, како и оти втора година по ред пристапот кон централниот плоштад Пуерта дел Сол, на кој традиционално се организира пречекот, ќе биде ограничен за 25.000 луѓе и е обезбеден со барикади.

Од 2015 година во Шпанија се уапсени 177 осомничени за врски со исламистичкиот тероризам.

Од Шпанија, која беше погодена од голем терористички напад врз железницата во Мадрид на 11-ти март 2004 година кога беше убиен 191 човек, во моментов е мал бројот на борци кои заминуваат на Блискиот исток да се борат во редовите на Исламската држава. Според процените на шпанските власти, 200 Шпанци заминале во странство во редовите на џихадистичките групи, додека од Франција и од Белгија заминале повеќе стотици.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој на прес-конференција во петокот изјави дека „заканите не се ниту поголеми, ниту помали“, отколку во 2015 година кога на сила беа 4-от и 5-от степен на антитерористички аларм.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top