| четврток, 6 декември 2018 |

Надал: Можам да играм уште најмалку три години на највисоко ниво

nadal-atp-barcelona-2016

Честите повреди влијаеја врз формата и не му дозволија на Рафаел Надал повторно да атакува на трофеи на големите турнири, но Шпанецот е оптимист дека во 2017 година повторно ќе покаже ниво на игра по кое беше препознатлив во своите најдобри денови. Победата над Томаш Бердих на турнирот во Абу Даби не е преголемо мерило, но во секој случај го крева оптимизмот кај Шпанецот и неговите фанови за подобри денови во периодот што следи.

– Мојот план е да играм уште неколку години, можам да кажам дека имам доволно мотивација да продолжам. Верувам дека уште најмалку три години можам да играм на највисоко ниво, што значи да се борам сериозно за трофеите на најсилните турнири – изјави Надал.

Шпанскиот ас во својата кариера има 14 гранслем трофеи, но годинава тој не успеа да стигне ниту до четвртфиналето на Австралија опен, Ролан Гарос, Вимблдон и на УС Опен, што е негов најслаб скор во последните 12 години на гранслем турнирите. Сепак, Надал во текот на годината не криеше дека приоритет му е здравјето, па за него најважно во моментов е што сите повреди што го мачеа се целосно санирани.

– Се чувствувам 100% здрав и тоа е многу важно. По долги години играм тенис без да чувствувам болка во коленото, што ми дава уште поголем оптимизам дека можам да играм како во своите најдобри денови – оптимист е Рафаел Надал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top