| четврток, 6 декември 2018 |

Битка која одлучува за животите на 1,5 милион луѓе: Ако пукне браната, ќе биде како нуклеарна бомба

Сојузничките трупи и Исламската држава се подготвуваат за големата битка околу стратешки клучната брана чиешто евентуано пукање би можело да резултира со излевање на 11 милијарди кубни метри вода кон ирачкиот град Мосул.

Инженерите на една италијанска компанија, кои биле задолжени за поправка на браната, неодамна работеа во Ирак, но експертите сметаат дека нивната работа би можела да биде залудна доколку дојде до катастрофа – минирање на браната. Се проценува дека од евентуалното пукање, 1,5 милијарди луѓе би биле загрозени, а според експертите, таква катастрофа би била слична на експлозија на нуклеарна бомба.

Во случај браната да пукне, односно да биде минирана од џихадистите, кон Мосул би се ослободила количина на вода колку што би имале 600 реки со големина на британска Темза. Кон Мосул би се упатил бран висок 15 метри, а водената маса би била еднаква на 4,4 милиони олимписки базени.

Инженерите на италијанската компанија TREVI, 18 месеци работеле на зајакнување на конструкцијата на оштетената брана, но професорот од еден шведски универзитет тврди дека мегаструктурата е осудена на пропаст, без оглед на тоа кој ја контролира.

По шест месеци планирање, италијанската компанија склопила 300 милиони долари вреден договор за реконструкција на опасната брана. Инженерите ги чуваат околу 500 припадници на италијанската војска и курдските Пешмерга сили.

„Градежните работи само ја одложуваат неизбежната катастрофа. Прашање е на време кога ќе дојде до тоа. Тоа ќе биде полошо од фрлање нуклеарна бомба на Ирак“, вели експертот за мосулската брана Надир ал Ансари за „Ал Џазира“.

Во меѓувреме, на оддалеченост од 375 километри, битката за уште една брана на Блискиот Исток е неизбежна. Курдските единици се оддалечени на само пет километри од браната на реката Еуфрат. Помогнати од специјалните сили на САД, Франција и Велика Британија, Курдите ги поразиле џихадистите на ИСИС во околните населби и фарми, а нивна следна цел е споменатата брана.

Но, за разлика од мосулската брана, оваа брана не е ниту приближно опасна за локалното население.

Експертите велат дека рушењето на браната кај Мосул би била „хуманитарна катастрофа од епски размери“ која би можела да усмрти 1,5 милион луѓе, предупреди американската амбасадорка во Обединетите нации, Саманта Пауер оваа година.

По состанокот со ирачкиот амбасадор во Обединетите нации – Мохамед Али Алхаким, Пауер ги повика сите земји-членки на Обединетите нации да преземат итни чекори за спречување на потенцијалната катастрофа.

Браната на северот на Ирак е изградена на нестабилни темели кои константно еродираат, а недостигот од континуирано одржување откако браната падна во рацете на Исламската држава во 2014 година, дополнително ја ослаби и онака оштетената структура на браната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top