Во Државната изборна комисија (ДИК) денеска бea врачени уверенијата за новите пратеници избрани на предвремените парламентарни избори.
Уверенијата им беа врачени на овластените претставници на коалициите и политичките партии кои освоија пратенички места, а не како досега лично на новоизбраните пратеници.
Деветтиот македонски парламентарен состав ќе има 120 народни избраници. Најмногу мандати освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2. Нема да има народни избраници од дијаспората поради недоволен број гласови.
Се очекува Собранието попладнево да го соопшти датумот на одржување на конститутивната седница, која треба да биде свикана најдоцна до сабота, 31 декември, на полноќ.
Конститутивната седница, според најавите, ќе ја свика и со неа ќе претседава претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски.
Нема информација дали на истата седница ќе бидат избрани претседател и заменик-претседатели на Собранието или само ќе бидат верифицирани мандатите на пратениците.
По конституирањето на Парламентот, претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Доколку не формира влада, мандатот се враќа кај претседателот, а тој го предава на втората партија по број на мандати и постапката се повторува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот