| четврток, 6 декември 2018 |

Почна судењето против 29 турски полицајци за помагање во пучот во јули

sudd

Пред судот во Истанбул денеска почна судењето на 29 поранешни полицајци на кои им се суди за обвиненија за помагање во пропаднатиот обид за преврат во Турција во јули годинава, пренесоа американските медиуми. Ова е прв процес против претпоставените учесници во пучот, во кој загинаа 270 лица.

Полицајците, против кои се води судскиот процес, се наоѓаат во затвор во близина на Истанбул. Тие се обвинети за помагање во обидот за преврат, со тоа што не ги исполниле своите обврски, вклучувајќи и не потчинување на наредбата да ја обезбедат резиднцијата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган во Истанбул во ноќта на превратот, информира агенцијата Анадолија.

На денешното прво рочиште од судскиот процес двајца пилоти на полициски хеликоптери ги отфрлија обвиненијата дека ги игнорирале наредбите да пилотираат со хеликоптерот со кој требало да летаат припадници на силите на редот за да ја обезбедат резиденцијата на Ердоган. Двајцата, исто така, ги отфрлија обвиненијата за врски со движењето на проповедникот Фетула Ѓулен. ­

– Немам дури ни најмала врска со обидот за преврат. Немаше никакви инструкции за летање упатени кон мене, изјави обвинетиот Толга Гултекин.

Вториот пилот, Ендер Кучука, јасно кажа дека тој и неговиот колега биле подготвени да пилотираат со нивниот хеликоптер, но летот бил откажан по наредба на нивните претпоставени.

Ова прво рочиште од процесот ќе трае денеска и утре. Обвинителите за 21 од полицајците со обвиненија за „обид за преврат“ бараат казни доживотен затвор под отежан режим на издржување на казната, а за другите осум полицајци се бараат казни од максимум 15 години затвор за членство во терористичка организација. Ова е првиот судски предмет во врска со обидот за преврат во Истанбул.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top