| четврток, 6 декември 2018 |

Лазаров: Имаме подготовки како најдобрите светски репрезентации

kire-lazarov

Пеколниот ритам на подготовките е изненадување за дел од репрезентативците, но не и за Кире Лазаров. На македонскиот капитен му е јасно дека врвните резултати доаѓаат само со макотрпна работа, па токму затоа смета дека овие подготовки ќе донесат добри работи за нашиот национален тим на мундијалот во Франција.

– Мислам дека се работи за едни сериозни подготовки, како што доликува на една вистинска квалитетна светска ракометна репрезентација. Познавајќи го Лино Червар, за мене ова не претставува никакво изненадување, особено кога се работи за репрезентација, а не за клуб. Мислам дека тренираме добро, сериозни сме, имаме добри услови за работа овде во Маврово каде што сме целосно изолирани, за да можеме да се фокусираме единствено на она што треба да го работиме. Засега сѐ се одвива како што треба, очекувам да се комплетираме со доаѓањето на Манасков и на Миркуловски и се надевам дека сѐ ќе мине во најдобар ред до крајот на подготовките и максимално спремни ќе го дочекаме светскиот шампионат – вели Лазаров.

Дополнителното подмладување на националниот тим значи и уште поголем товар врз капитенот, од кого ќе зависат уште повеќе работи, пред сѐ, во нападот на репрезентацијата на СП во Франција.

– Да бидам искрен, доаѓањето на голем број млади играчи сигурно значи и дополнителен товар. Ова се млади ракометари кои навистина многу почитуваат и слушаат се она што им се кажува, но јасно е дека ќе треба време и натпревари за нивно созревање. Треба да им се посвети многу повеќе внимание, да им се укажат повеќе работи за време на тренинзите, тоа на некој начин е товар, но не е нешто од што се плашам. Продолжуваме да работиме за остварување на целите што се зацртани – истакнува македонскиот капитен.

Групата не е нималку лесна, но Лазаров гласно порачува дека работите на резултатски план ќе зависат од нас самите, а не од противниците.

– За значаен дел од нас ова не е прво светско првенство, знаеме што носат големите натпреварувања и затоа барем засега не се фокусираме премногу на ривалите, туку на нас самите. На мундијалите нема стари и млади, нема силни и слаби репрезентации, едноставно треба да излезете на терен и да одиграте најдобро што знаете. Јас и уште еден дел од репрезентативците имаме настапувано на вакви натпреварувања, знаеме што не очекува, ова ќе бидат дуели на 24-те најдобри селекции во светот, па дури и оние од останатите континенти многу сериозно се подготвуваат, исто как нас, решени да направат исчекор и добар резултат во Франција – реален е Кире Лазаров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top