Македонската опера и балет ја заокружи оваа сезона со уште еден спектакл. Најпознатото балетско ремек-дело од Петар И. Чајковски беше изведено на сцената на МОБ. Балетот беше изведен во два чина, а балетскиот ансамбл со исклучителната музика, динамичните и екстремни емоции ја одушеви публиката.
За првпат во Македонија дојде Државниот балет на мраз на Санкт Петербург, основан во 1967 година од истакнатиот кореограф Константин Бојарски и музичкиот директор Лео Корхин. Од 1995 година овој балет почнува да одржува претстави низ оперските и балетските сали во светот. На својот репертоар ги имаат поставено најпознатите балетски претстави „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“… А, исто така, за првпат се изведуваат на мраз, надополнети со грандиозна костимографија и сценографија.
– Ова е неверојатно. Лизгачите правеа фасцинантни скокови во прекрасните костими. Исто како да гледате балет, но многу подобро – велат гледачите.
Само костимите за „Лебедово езеро“ чинат повеќе од 250.000 долари бидејќи покрај естетиката, тие мора да имаат и исклучителна издржливост за да можат да ги следат изведбите на балетаните.
Секоја претстава на овој познат руски балет го следи богата костимографија и осветлување. Интересен е податокот што овој ансамбл во својот фундус има повеќе од 800 костими со кои ја маѓепсува публиката во целиот свет.
Уште поинтересен е начинот на кој сето ова се изведува. Коцките мраз се поставуваат на сцената, а фреон и компресори ја задржуваат температурата на лизгалиштето, а се додава вода за да се изедначи мразот. Зад завесата се поставуваат помошни ѕидови за заштита на танчарите кога лизгаат надвор од сцената. На искусната продукциска екипа , која од Русија носи сѐ што ѝ е потребно, ѝ беа потребни 24 часа за да го монтира мразот, а само шест часа да го демонтира. За претставата се користат неверојатни 2.700 килограми мраз.
– Многумина не можат ни да замислат како може сето ова да се направи на сцена. Голем број од гледачите што во Македонската опера и балет ја видоа претставата, веќе го гледале „Лебедово езеро“, но беа љубопитни да видат како сето тоа ќе се изведе на мраз – велат упатените.
Играчите од Државниот балет на мраз на Санкт Петербург не оставија ниту еден гледач во публиката рамнодушен. Со својата обука всадена во традицијата на Киров балет во Русија, лизгачите изведоа одлична претстава на мраз. Сите изведувачи се поранешни шампиони во лизгање. Нивни кореограф е Константин Бојарски, чијашто биографија вклучува настапи со балетските легенди како Рудолф Нуреев и Михаил Баришников.
Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент. Низ годините, во балетската претстава се појавувале грациозните движења на светски и на европски прваци во уметничко лизгање, меѓу кои и олимписките шампиони Људмила Белоусова, Олег Протопопов и Људмила Смирнова. Сите претстави се поставени од главниот кореограф Константин Расадин, познат и признат руски уметник. Оваа балетска компанија првпат ги поставила класичните балети во класични костими и сценографија на мраз инсталирана на сцена на театар.
Меѓу триесетината уметници на сцената беа и Вера и Роман, некогашни успешни спортисти, наградувани во уметничко лизгање, а денеска балетски мајстори на добро познатата подлога.
– Веќе седум години сум дел од Рускиот државен балет. Во текот на овие години ги обиколивме речиси сите континенти. На нашиот „замрзнат“ репертоар се уште четири претстави, кои секогаш ја одушевуваат публиката – вели Роман.
Неговата партнерка на сцената е Вера, балерина каква што можете да видите во најубавите бајки. Со години се дружи со лизгалките, но пред три и пол години решила да им ја додаде магијата на балетанките и сега таа е дел од Рускиот државен балет и ни ја пренесува целата убавина на добро познатите ноти.
– Во нашиот театар „Лебедово езеро“ се изведува веќе 25 години. Секоја година се бара карта повеќе. Ова е спектакл што не се пропушта – вели Вера.
По завршувањето на претставата имате чувство дека лебдите и дека сте дел од прекрасна руска бајка. И овој пат дојде до израз целата грациозност на лизгачите, фантазијата на костимографите и на сценографите, специјалните ефекти, вештината на светските уметници на танцот на мраз со безвременска музика.
Во последните пет години оваа балетска продукција е успешно изведена на најдобрите сцени во САД, Канада, Холандија, Германија, Кина, Шпанија, Тајван, Естонија, Романија, а за овој светски познат балет во суперлатив биле објавени критики во „Лос Анџелес тајмс“, „Чикаго трибјун“, „Франс соар“, „Кореја тајмс“ и многу други угледни весници.
Подготви: Невена Поповска
Фото: Сашо Н. Алушевски
(Текст објавен во 225. број на неделникот „Република“, 23.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.