Германската влада планира да формира владино тело кое ќе се обиде да ги спречи лажните вести на интернет, поврзани со федералните парламентарни избори во септември идната годна, јави дописникот на МИА од Берлин.
Најавата за формирање на ова телото доаѓа откако американските власти информираа дека лажните вести пласирани на социјалните мрежи влијаеле на резултатите на претседателските избори во САД.
Весникот „Шпигел“ тврди дека идејата за формирање центар за одбрана од дезинформации ја дала германската канцеларка Ангела Меркел, а според извори во Министерството за внатрешни работи, кое треба да биде одговорно за телото, за него владините партнери треба да донесат брза одлука.
Главните цели на ова тело, кое ќе спречува објавување лаги и манипулации на интернет, е заштита на раниливите категории граѓани на социјалните мрежи, меѓу кои се Германците со руско и турско потекло. Сите потенцијални жртви на лажните вести треба да добијат „засилена политичка едукација“.
Миннистерот за правда на Германија, Хајко Мас, пред една недела се закани дека земјата ќе го менува законодавството, со што ќе се овозможи ако социјалните мрежи, како „Фејсбук“, не ги избришат лажните вести во одреден рок, да треба да плаќаат високи парични казни кои би се движеле и до 500 илјади евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.