Пеп Гвардиола на беспрекорен начин ја стартуваше својата авантура во Премиерлигата забележувајќи шест последователни победи, но, сепак, не требаше да помине премногу време ценетиот шпански стручњак да дознае за суровоста на англискиот фудбал и фактот дека секој тим може да победи секого.
Манчестер сити влезе во навистина лош период во изминативе два месеци и му дозволи на Челси да се одлепи на плус седум на првенствената табела, а она што се издвојува како најранлив дел во тимот на Гвардиола секако е последниот ред, односно играта во одбраната.
Добро познато е дека „граѓаните“ инвестираа навистина голема сума на пари за дефанзивци во изминативе 18 месеци, а после Отаменди, кој беше купен за повеќе од 40 милиони евра, изминатово лето на „Итихад“ беше доведен и најперспективниот англиски стопер, Џон Стоунс (55 милиони евра).
Сепак, и покрај ова, англиските таблоиди денеска пишуваат дека Гвардиола веќе сериозно е загреан за купување нов стопер по катастрофалните партии на своите дефанзивци, а негова голема желба е еден од најдобрите стопери во досегашниот тек на Премиерлигата.
Вирџил Ван Дијк игра навистина неверојатно и добива пофалби од сите страни во Англија, но проблем за Саутемптон е што феноменалните игри на капитенот не остануваат незабележани од најголемите и најмоќните клубови.
Манчестер сити планира да го одврзе ќесето за Холанѓанецот уште во јануари, а медиумите пренесуваат дека првата понуда која ќе ја испрати Гвардиола ќе изнесува 60 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.