| четврток, 6 декември 2018 |

Се спроведува грозоморен план за разнебитување на Македонија – ако бидеме поразени, ќе немаме држава

Политичкиот аналитичар Тони Науновски вели дека севкупниот изборен процес е компромитиран до таа мерка што единствено решение е целосно поништување на изборите од страна на Уставниот и Врховниот суд по барање на Јавниот обвинител за некој вид на заштита на законитоста, правната основа би била во суштина тоа, во содејство со Претседателот на РМ, кој може да прогласи вонредна состојба.

-Постојат многу докази, факти и бројни индикатори дека на овие избори имало масивно и организирано полнење на кутии на повеќе гласачки места, поткуп на гласачи, недозволени форми на агитација и притисок врз граѓаните, итн. Тоа е причината зошто овие избори не беа фер, демократски и според законот, што значи дека мора да бидат прогласени за неуспешни односно нелегални и во подлабока смисла нелегитимни, вели Науновски.

Тој додава дека причините зошто оваа држава не може да одржи легитимни и демократски избори е т.н. договор од Пржино, кој, смета Науновски го деструираше правно-политичкиот систем на Македонија до тоа ниво да не може да се организираат демократски избори.

-Инсталирањето на партиски кадри во бројни институции го оневозможува секое демократско одлучување врз основа на факти, како што бевме сведоци деновиве со процесот на жалби во ДИК и Управниот суд. Македонија поради договорот од пржино не е демократска и правна држава, и се додека политичките авторитети не ги стабилизираат институциите оваа држава мора да функционира со постојната, легална Влада, која мора да организира вистински демократски избори, вели Науновски.

Политичкиот аналитичар додава дека со месеци, со години, на дело е грозоморен план за разнебитување на државата Македонија.

-Ресурсите кои се употребуваат, осиленоста и дрскоста на непосредните извршители на овој најнов обид да ни ја уништат државата, вклученоста и координираноста во дејствата на неколку автономни непријателски центри на моќ, недвосмислено упатува на заклучок дека оваа битка мора да ја сфатиме како лична битка и последна за нас, Македонскиот народ. Ако бидеме поразени, ќе немаме држава, ќе бидеме историски и национално анихилирани, ќе го загубиме Уставно-правниот статус на народ, и набрзо ќе бидеме бегалци, апатриди. Затоа тврдам дека единствено решение за ова сценарио кое го реализираат е да се поништат овие избори, Владата да продолжи да функционира, и откако ќе се санираат негативните последици од договорот од пржино, да се организираат нови, овојпат демократски избори, вели Науновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top