Поранешниот министер за финансии во владата на Бранко Црвенковски, Никола Поповски, во интервју за „Радио Слободна Европа“ најавува рестрикции во администрацијата и намалување на платите и пензиите доколку СДСМ успее да формира влада.
Екс пратеникот од СДСМ и поранешен претседател на македонското Собрание во интервјуто вели дека потенцијални жртви во реформите ќе бидат вработените во јавната администрација и нагласува дека вкупната плата во јавната администрација морала да се смали. Поповски не исклучува ниту намалување на бројот на вработени, односно нивно бркање од работа.
-Да речеме потенцијални жртви во реформите ќе биде јавната администрација, на еден или на друг начин, можеби никого нема да засегне на директен начин премногу, но вкупната потрошувачка за плати во јавната администрација мора да се смали. Дали ќе се смалуваат платите или нема да растат веќе или ќе се смали бројот на вработени или двете заедно, ќе има одредени жртви, вели Поповски.
Тој додава дека други можни жртви се пензионерите. Според него, создаден е дебаланс помеѓу реалните пензии и реалните плати и за тој дебаланс да се намалел, пак ќе имало жртви.
-Други можни жртви се пензионерите кои допрва ќе дојдат, кои со самото нивно пензионирање ќе имаат перспектива врз идните 20-30 години колку ќе живеат во просек, намалени пензиски примања и сега сите тие жртви заедно кога ќе треба да ги соберете, ќе треба некој или сите ние по малку да ги стегаме забите за да создадеме платформа за поголем успех. Сите сме свесни дека во последните 7-8 години нивото на реалните пензии драстично се зголеми над нивото на реалните плати. Тие и едните и другите стануваат недоволни за живот, но едните многу брзо отидоа напред, отколку другите и сега тоа е малку дебаланс и ќе треба да се намали тој дебаланс и пак ќе има жртви, вели Поповски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.