| четврток, 6 декември 2018 |

Јаковлевски: Нема да дозволиме никој да се поигрува со трпението на македонскиот народ

-Ако 90-та година ја формиравме ВМРО-ДПМНЕ за да создадеме македонска самостојна држава, од тогаш до денес не ни дозволија да се израдуваме со нашата татковина Македонија. Од 90-та година беа против формирање на самостојна Македонија и до денес не се променија. Ние тврдокорните, основачите, бранителите нема да дозволиме никој да се поигрува со трпението на македонскиот народ. Им порачувам на западните мешетари нека не се играат со трпението на ВМРО-ДПМНЕ, ако почнеме нема враќање назад веќе- порача еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ Мане Јаковлевски, обраќајки се пред насобраниот народ пред седиштето на Државната изборна комисија.

-Гледам вчера се расправаат за еден глас, една стара жена нашле во Гостивар, која најверојатно во текот на денот ќе признае дека некој ја наместил и и дал пари. За еден глас сакаат да ги поништат 450.000 гласачи кои гласаа од срце за Македонија. Ние не дававме пари некој да гласаат за нас. Нека не се играат затоа што трпението ни е при крај, ќе се каат еден ден. Тогаш нека не доаѓаат да не смируваат како што ги смируваат во Украина и Сирија. ВМРО не знае да се плаши. Не е роден тој што може да и наштети на нашата држава. Нека ги признаат изборите кои до сега беа најмирни и најдемократски во историјата на самостојна Македонија- додава Јаковлевски.

Ако се потпали ВМРО, додаде Јаковлевски, тешко ќе излезат на крај со нас.

-Затоа претседателе Груевски, ти порачуваме и тебе, немој да не смируваш, ако почнеме ни тебе нема да те послушаме, затоа што ќе си ја браниме нашата татковина. Доста им попуштавме, никого нема да слушаме, ниту партија, ниту лидери, ниту никој, ако се распалиме одиме до крај- порача Јаковлевски, обраќајки се пред насобраниот народ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top