| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Доктор Фауст“ во Битолскиот народен театар

Ансамблот на Битолскиот народен театар вечер на матичната сцена ќе ја изведе деветтата воедно и последната премиера годинава. Станува збор за претставата „Дотор Фауст“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андраш Урбан, а ќе може да ја гледа публика на возраст над 16 години.

Во претставата настапуваат 12 актери, Борче Ѓаковски, Викторија Степановска Јанкуловска, Елена Моше, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Маја Андоновска Илиевска, Марјан Ѓоргиевски, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Сандра Грибовска, Соња Ошавкова и Соња Михајлова.

– Претставата е многу возбудлива со многу енергија и со естетска магичност. Во претставата користам специфична сценографија со цел да прикажам еден дел од животот на д-р Фауст или едно друго размислување за неговиот живот. Претставата не е политички мотивирана и се занимава со човекот на овие простори и со неговите расудувања за различни теми, рече режисерот Урбан, познат на публиката и по претставата „Хамлет машина“, која исто така ја режираше во Битола.

Сценографијата за претставата ја изработи Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, а драматург е Билјана Крајчевска.

– Со изведбата на премиерата на „Доктор Фауст“ завршува уште една успешна сезона со настапи во државата од каде во витрините на битолскиот театар пристигнаа вредни награди и признанија, како и настапи во странство од кои освен импресии има и богата фото архива, посочи директорот Светозарев во пресрет на вечерашната премиера во Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top