Алехандер Наумоф е Aмериканец, кој до својата дваесет и деветта година живеел во Чикаго. Првпат во Македонија доаѓа во 1998 година и оттогаш, како што открива за „Република“, му се раѓа желбата да дојде и да живее овде. Триесет и двегодишниот Американец по дедо има македонско потекло, па, како што вели, гените го вратиле назад. Гостопримството на македонскиот народ е тоа што, според Наумоф, е вистински белег на државата. А фактот дека ги сака многу луѓето во Македонија е неговиот брак со битолчанка. Вели дека нема намера да ја напушти земјата бидејќи Македонија е прекрасна држава со голем потенцијал
Кога првпат дојдовте во Македонија?
Наумоф: Првпат во Македонија дојдов во 1998 година со мојот дедо, татко и со моите двајца браќа. Имав 14 години. Таа посета ми го промени животот и, навистина, ме натера да ја ценам убавината на Македонија што дотогаш ја немав доживеано.
Доаѓате од земја со различна култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се адаптирате на животот овде?
Наумоф: Би кажал дека многу брзо успеав да се приспособам на македонскиот начин на живот. Мојот дедо е роден во Ѓавато, Битолско, па така јас имам и македонско потекло. И бидејќи тој се преселил во Америка како мало дете, постојано ми зборуваше за Македонија, за семејството на татко ми, културата и традициите. Пред да се преселам во Македонија, земјата ја имав посетено трипати претходно, така ја запознав и подобро вашата култура и начинот на живеење. Секој пат кога ќе дојдев учев нешто ново. Поради тоа пред три години ја донесов одлуката да се преселам и да живеам овде. Претпоставувам гените си го направија своето, ме вратија во Македонија.
Кажавте дека веќе три години сте со постојан престој овде, научивте ли да зборувате македонски јазик?
Наумоф: Би сакал да кажам дека зборувам. Не учев македонски додека растев и немаше Македонци што живеат во близина на нашето семејство, па само го слушавме јазикот. Но штом почнав да доаѓам во Македонија, и сега веќе почнав и да живеам во оваа земја, почнав да го учам јазикот. Морам да признаам дека малку ми е тешко да зборувам македонски, бидејќи англискиот е мојот мајчин јазик.
Како човек што речиси 30 години живеел во Америка, кое е Вашето мислење за македонскиот народ?
Наумоф: Уште од мојата прва посета на Македонија, постојано им раскажувам на моите другари и на фамилијата во Америка за овој прекрасен бисер на Балканот и овде луѓето се многу пријателски расположени и љубезни. Затоа мислам дека ова го објаснува моето високо мислење за македонскиот народ. Исто така, и фактот дека се оженив за македонска жена покажува дека многу го сакам македонскиот народ. Имам свое семејство и здобив одлични пријателства откако се преселив овде. Мислам дека тоа што најмногу ме импресионира е гостопримството на Македонците.
Кое е Вашето искуство? Дали, иако сте странец, Македонецот знае да подаде рака и да помогне доколку е потребно?
Наумоф: Да, јас никогаш не сум имал лошо искуство кога ми била потребна каква било помош. Моите соседи, на пример, навистина знаат да помогнат и се многу љубезни.
Имате ли слободно време за да ја истражите Македонија?
Наумоф: Најчесто сум многу зафатен со работни обврски, но се трудам во моето слободно време да вклопам повеќе дневен одмор или викенд на село или посета на некои од градовите во Македонија. Сѐ уште има многу места кои не сум бил во можност да ги видам, но, дефинитивно, имам план за патување околу целата земја бидејќи сакам да ги видам археолошките градови во Македонија, планините, манастирите и многу други убавини на земјата за кои сум читал.
Кое, според Вас, е најубавото место што треба секој да го посети во Македонија?
Наумоф: Би кажал Битола, Хераклеја, планината Пелистер, Отешево, Преспанско Езеро, Охрид, Галичица, „Свети Наум“, Радожда. Главниот град Скопје и Водно, „Попова кула“ и Попова Шапка.
Ја сакате ли македонската традиционална кујна?
Наумоф: Ја обожавам македонската традиционална храна. Јас сум голем обожавател на мусака, тавче-гравче, бурек, пастрмка, пастрмајлија, зелник и чорба.
Ви недостига ли Вашата родна земја?
Наумоф: Од Америка ми недостигаат мали работи. Ми недостига навигација на улиците и лоцирање на места, американскиот фудбал. Но најмногу ми недостигаат моите спомени од детството поминати таму со моето семејство и со пријателите.
Кои се Вашите планови, останувате ли да живеете во Македонија?
Наумоф: Откако се преселив тука, јас, навистина, го сакам животот во Македонија и сѐ што има да понуди земјата. Тоа е причината што планирам да останам во Македонија. Јас сум оженет со жена што живее во Битола и моето семејство живее во Македонија. Јас немам намера да го натерам моето семејство да ја напушти Македонија. Македонија е прекрасна земја со голем потенцијал, само понекогаш е потребно малку храброст да се надминат пречките што може да влијаат на вашето мислење за ова место. Можете да имате избалансиран живот овде и време да уживате со вашето семејство и пријатели, добра здрава храна и време да патувате низ целата земја и низ Европа. Јас лично, кој живеев во САД 29 години, мислам дека не би можеле да ги најдете истите тие карактеристики во таа земја. Сепак, јас секогаш ќе ги сакам Соединетите Американски Држави затоа што таму научив за вредностите на патриотизмот, работната етика и за услуги на клиентите. Јас постојано ќе патувам во САД за да ги посетам семејството и пријателите што сѐ уште ги имам таму.
Пишува: К.Н.К
(Текстот е објавен во 224 бр. на Неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!