Дојдовме и до моментот кога оние што ги заложија државата и народот во замена за изборно инженерство, по секоја цена треба да ја испорачаат сметката. А, сметката е голема и тешка 70.000 албански гласови. Заложбите за „Куманово да ви се деси“ затропаа на врата. Многу е тажно што под плаштот за наводни петстотини евра плата дел од граѓаните ја заменија иднината на своите деца, не гледајќи ја вистинската цена на понудата. Со нивниот глас, Зоран Заев и Радмила Шекеринска, заедно со Стево Пендаровски и со Петре Шилегов, ги туркаат двојазичноста и кантонизацијата за бинационална држава со консензуално име, па и ако треба со крв да се измие изборниот резултат. Толку од демократијата. Или федерализација како што ветиле Заев и Шекеринска или спонзорите со Касами и Села ќе појдат и по нивните глави.
Колку црни милиони евра чинат гласовите во Сарај, Арачиново, Брест, Танушевци? Истите овие актуелни „бастиони на СДСМ“ се запишани во колективната македонска меморија како упоришта на борците за отцепување. Токму за овие места „титкаше“ и Мухамед Зекири, новата „независна ѕвезда“ на СДСМ уште на првичните пребројувања на гласовите. Но, тие пораки не беа наменети за славење во СДСМ, туку беа пораки со потврди до финансиерите дека се испорачува наплатеното. СДСМ досега не одговара на јавните прозивки дали се легнати огромни суми пари на сметки на физички лица од најтесното раководство на СДСМ и, исто така, дали се легнати огромни суми пари на сметки на правни лица блиски до Заев, СДСМ и Сорос? Или, дали кампањата на СДСМ и гласовите на етничките Албанци се наплатени со црни пари од албанската дијаспора?
Албанската дијаспора јавно порача дека гледа спасител и месија во Заев, а водачот Муса Љамалари со сите почести беше примен во седиштето на СДСМ. Неговите барања и залагања не се разликуваат од актуелната понуда на СДСМ и од платформата што Заев и Села им ја претставија во Швајцарија. Јавноста пресметала, а СДСМ не одговара дали за Скопско, Кумановско и Тетовско, односно во изборните единици 1, 2 и 6, за 70 илјади гласа се поделени околу 30 милиони евра, пари кои биле обезбедени од донатори, а делени преку верските објекти? Одговор нема, а последиците веќе се познати.
Во Арачиново СДСМ наброја 2.052 гласа, наспроти, за споредба, 1.456 за ДУИ или 794 гласа за Беса. СДСМ и Беса доминираат во Сарај; СДСМ со 2.973 гласа, а БЕСА со 3.300 гласа. Студеничани испорача 2.515 гласови за СДСМ, додека за Беса одвои 2.024. СДСМ во Липково наплати 773 гласа. Дури и во Чаир, домот на Беса, бесата на Заев доби 4.299 гласа, пред Беса со 3.183 и ДУИ со 2.645 гласа. И Диво Насеље, упориштето на терористичката група со исти цели, го даде гласот за каузата на Заев. Испорачани се гласовите и во Брест, Гошинце, Слупчане, на границата со Косово, од каде што и се вели дека се раководело ова изборно инженерство преку косовското подземје. Сето наброено на контото на СДСМ испорача најмалку осум пратеници, во замена за преименување, кантонизација, двојазичност, буџетска распределба, консензуалност, полиции и вработувања по етнички клуч и што ли уште не.
Нема разлика во платформите на Зекири, Села и на Касами
Мухамед Зекири ги отвори картите дека тој не бил „случајно во СДСМ“, односно дека не за џабе агитираше и како новинар по медиумите, а потоа како партиски член ги организираше албанските села. Мора да се испорача ветеното и платеното за поддршката од 70.000 гласа. Обврска на Зекири во ова изборно инженерство беа контактите и пренесувањето пораки, меѓу другото, и со косовското подземје, со луѓе со дебели досиеја и врски со терористички групи кои дејствуваа и во Македонија, во Брест и во Диво Насеље; местата со тазе самоосвестени социјалдемократи. Тие сега се на копче, активирани, пред, за време и по изборите.
– Во моментот кога ќе забележам ретерирање, ќе зборувам јавно и нема да молчам бидејќи никому не му должам. Нема да дозволам целта за која се ангажирав во овој политички субјект да биде злоупотребена, да ме злоупотребуваат мене или гласачите што гласале за него – вели Зекири за странски медиуми.
Соговорникот на Зоран Заев од настапот во Берн, Швајцарија, предводникот на реформистите на ДПА, коалициски дел од Алијансата на Албанците, Зијадин Села, нагласува дека не отстапува од тоа државата да биде бинационална.
– Ние ќе се залагаме албанскиот јазик да биде службен на целата територија на Македонија, која ќе биде бинационална држава, ќе се донесуваат одлуки со консензус, ќе ја спроведеме целосно децентрализацијата. Со исполнување на овие мерки, кои ќе бидат регулирани со закон, Албанците веќе нема потреба да се плашат од тоа кој ќе биде идниот премиер – изјави Села, кој замислил и концепт во политичката платформа за распределба на работни места според етничка припадност.
– Ние ќе предложиме и правична распределба на работните места. На пример, во тетовската полиција да има вработено 80 проценти Албанци, а така ќе биде во сите институции. Вработувањето по етничка линија ќе биде реализирано во зависност од тоа колку Албанци живеат во одреден регион – најави Села.
И движењето Беса, кое во зачетокот со Заев договори редефинирање на државата, сиот политички и правен систем го темели врз начелото на консензуалност. Од Беса сега најавуваат коалицирање за формирање техничка влада за решение за името на Република Македонија. Тоа решение сметаат дека би го рефлектирало мултиетничкото општество во земјата, што, пак, е и предуслов за следното барање, интеграција во НАТО и почнување на преговорите за евроинтеграции. Потоа, смета Африм Гаши, генералниот секретар на движењето Беса, може да се организираат нови избори. Имајќи ги предвид грчките позиции и негирања на сѐ што е македонско, заедно со македонската културна посебност, како и условувањата од другите соседски барања, тоа значи дека партнерите на СДСМ, Беса, замислуваат редефинирање со целосно бришење на македонското од Македонија.
Каде во овие понуди за преименување и бришење на македонското од државата, редефинирање кон бинационалност, етничка распределба на државниот буџет и пропорционалност во вработувањето во општинските полиции и институции го препозна СДСМ? Едноставно, Заев набрзо откако стана лидер на СДСМ се откажа од патриотизмот додавајќи дека „не му доликува“. Тоа свое јавно откажување од заштитата на сопствената држава и поредок го најави, за потсетување, во телевизиско интервју токму кај Мухамед Зекири.
Ќе побараат ли Касами и Села рамковен договор од Рама?
Не е тајна дека Тирана е во постојан контакт и координација со лидерите на партиите на етничките партии на Албанците во Македонија. Дури и сега, во најранливиот период на Македонија, по платеното инженерство на изборниот процес кој требаше да доведе до излез од кризата, албанскиот премиер Еди Рама ги повика кај себе лидерите на политичките партии на етничките Албанци од Македонија. За консултациите како тие да се постават пред формирањето на новата извршна власт во Македонија, тие молчат, а Рама соопшти дека им ја укажал потребата „да најдат сила“ за да се обединат во „заедничката агенда“, „да застанат на страната на интересите на сите Албанци“,а врв да биде Охридскиот рамковен договор. Ова не е ништо друго туку директно мешање на Рама во политичкиот живот во Македонија. Интересно е тоа што во подготовка на оваа средба, во Тирана слета Џон Бренан, директорот на американската ЦИА, кој се интересирал за поширокиот регионален безбедносен контекст.
Рама има постојана практика да се меша во внатрешните работи на Македонија во моменти на донесување важни одлуки, што неретко било надградено со директни закани по евроатланските интеграции на државата. Но, тоа што недостига на овие средби е што секогаш се нагласувале подобрување на правата на Албанците во Македонија, но никогаш ниту Рама ниту политичарите од Македонија не го отвориле прашањето за човековите права на Македонците во Албанија.
Не само што со вештачки креирани територијални поделби на македонската заедница во Албанија им се одземени две од трите општини, туку дури и таму децата го изучуваат македонскиот јазик до четврто одделение. Рама заборава дека во Подградец, општина со огромно македонско население, нема ниту еден од нив вработено во локалната управа. Рама и лидерите од Македонија воопшто не разговараат дека Македонците бараат признавање во цела Албанија. Пред сѐ, бараат да го уживаат правото за учење на македонскиот јазик во државните училишта во Голо Брдо, Гора и секаде каде што живеат значителен број Македонци.
Социјалистот Рама пред разговорите со челниците на етничките Албанци од Македонија заборава дека и самиот ветуваше поголемо внимание за правата на малцинствата, како дел од изборната платформа, а како победник на левата коалиција доби честитка од македонските друштва кои од него побараа да им помогне на Македонците во Албанија. Како потсетување за Рама, но и за Села и за Касами, иако постојано се негира бројот на Македонците во Албанија, дури и Рама знае дека само во Тирана живеат околу 30.000 Македонци, а нивниот број не заостанува ниту во Елбасан или Драч. Македонците во Албанија не бараат рамковни договори, тие се лојални граѓани, но бараат од државата да им се почитуваат општите човекови права предвидени во меѓународните конвенции. Овие барања на Македонците во Албанија може да бидат и првата заедничка платформа со која Касами и Села следниот пат ќе настапат пред Еди Рама.
Текст објавен во 224. број на неделникот „Република“, 16.12.2016
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.