Македонскиот народен театар оваа година првпат од своето постоење реши да понуди поинаква прослава за дочекот на Новата година. За таа цел организира новогодишна „Ноќ со ѕвездите“ на која ќе настапат ѕвездите и актери Сашко Коцев и Игор Џамбазов, „Гуру харе бенд“, а се најавени и многу изненадувања. За храната и пиајлоците ќе се погрижи МНТ.
Влезниците за „Ноќ со ѕвездите“ чинат 1.800 денари.
– Една година размислувам во себе зошто на 31 декември МНТ престанува да работи, кој е начинот да се направи дочек на Nова година што повторно ќе биде театарска Нова година и луѓето ќе бидат во театар, а од друга страна ќе се празнува Нова година – вели Дејан Пројковски, директор на националниот театар на Македонија, кој е иницијатор на проектот.
Пројковски најавува многу изненадувања за вечерта на 31 декември.
– За среќа, меѓу поголемиот број на големи актери и ѕвезди во МНТ ги имаме Сашко Коцев и Игор Џамбазов, кој сигурно се едни од најголемите шоумени во Македонија. Се одлучивме да го споиме театарот, музиката и степндапот. Мислам дека ќе биде една вечер што сите што ќе дојдат ќе ја паметат. Ќе има стендап, Игор Џамбазов и Гуру харе бенд, ќе има други изненадувања кои ќе се случуваат во текот на вечерта. Сите оние што сакаат да избегаат од клишето за славење на нова година, МНТ е вистинскиот избор – изјави Пројковски.
Настанот почнува вечерта на 31 декември во 21.30 часот во фоајето на МНТ, каде што гостите прво ќе ги забавува диџеј Миле Ѓуриќ од „Антена 5“. Ќе бидат послужени пијачки и закуски, а потоа во салата со пијачка в рака следува отворањето со получасовен стендап. Следни со настап се Гуру Харе и Игор. Следува одбројување на полноќ, а потоа забавата продолжува во фоајето, каде што следува главниот коктел со Игор и Харе на пијано и гитара и диџеј Миле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.