| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Тартиф“ во МНТ во режија на Галин Стоев

Бугаринот по 17 години Стоев се враќа во МНТ каде во 1999 ја постави „Антигона во Техноленд“. За овие години тој изгради меѓународна кариера и работи во некои од големите национални куќи во Европа

Во вторник, на 20 декември, во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот е закажана премиерата на „Тартиф“ на Жан Батист Молиев, а во режија на Бугаринот Галин Стоев. Главната улога ја толкува Драган Спасов – Дац, а ликот на Оргон го толкува Ѓорѓи Јолевски.

Стоев овој драмски текст пред две години го постави во „Комеди Франсез“ во Париз, односно славниот Дом на трупата на Молиер.

За популарниот Дац ова е прва улога во националниот театар откако од Драмски му се придружи на ансамблот на МНТ. По пауза од 23 години, тој повторно на сцената ќе игра со својот колега и пријател Јолевски.

Драмата е напишана во 17 век и актуелна зашто тематизира безвременска тема – лицемерството на поединецот како метафора за хипокризијата во самото општество.

Директорот на МНТ, Дејан Пројковски, на прес-конференција рече дека „Тартиф“ е меѓу капиталните дела на театарската литература.

133487447

– Тоа е текст со кој режисерот и театарот што го поставува ја тестира својата зрелост, рече Пројковски и нагласи дека било предизвик и возбуда „Тартиф“ да го работи Стоев кој во 2014 ја поставил оваа претстава во „Комеди Франсез“. Со познатиот париски театар Стоев соработува од 2007 и покрај „Тартиф“ таму поставил уште четири претстави – изјави Пројковски.

Режисерот рече дека направиле нова верзија, различна од таа во Франција.

–  За мене беше важно претставата да е  многу поразлична од таа во „Комеди Франсез“. Мислам дека не треба да се прави „копи-пејст“ на некоја претстава, туку секојпат се приспособувам на спефициките на екипата, на можностите на театарот и најмногу таа да се вклопува во локалниот контекст  за да стане претстава која прво би имала смисла тука – рече Стоев.

Бугаринот по 17 години Стоев се враќа во МНТ каде во 1999 ја постави „Антигона во Техноленд“. За овие години тој изгради меѓународна кариера и работи во некои од големите национални куќи во Европа.

Дац е задоволен од својата прва улога во МНТ по доаѓањето од Драмски, од приемот од ансамблот и работата со Стоев, како и од тоа што по 23 години на сцената е повторно со својот колега и другар од студентските денови Ѓорѓи Јолевски.

– Многу се измачив со текстот, морам да признаам. Не сакам текст во стих. Никогаш повеќе нема да играм претстава чиј текст е во стих – рече Дац.

Јолевски, кој го игра Оргон, истакна дека е секогаш убаво да се обновуваат големите драмски дела во ново руво и во духот на сегашноста, потсетувајќи дека претходниот „Тартиф“ на МНТ е од средината на 1980-тите. Пред десетина години тој ја играл улогата на Тартиф во претстава на Штипскиот театар.

– Овојпат го играм Оргон. Две целосно различни претстави и два различни пристапа. Да се биде од другата страна, од страната на лекомислениот или заблудениот Оргон, кој во суштина е доста празен, рамнодушен и без чувства, како и секој политичар и бизнисмен на современоста, кој се обидува преку Тартиф да дојде до нешто суштинско. Се разбира, лицемерието кое е главна тема на оваа претстава, е единствено возможно и може да никне само ако постои плодна почва. А тоа е едно потполно гнило семејство во кое секој е преполн со ништо, празнотија и површност – рече Јолевски.

133487450

Покрај нив, во актерската екипа се и: Даница Георгиевска, Владимир Јачев, Тања Кочовска, Дарја Ризова, Оливер Митковски, Катина Иванова, Никола Ацески, Александар Микиќ, Кире Ѓоревски и Тања Ивановска. Костимограф во новиот „Тартиф“ е Елица Георгиева, а композитор на музиката Саша Карлсон.

За Кочовска, чиј матичен театар е Тетатарот за деца и младинци, ова е трето гостување во МНТ за една година, по мјузиклот „Чикаго“ и „Животот е прекрасен“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top