Деновиве се очекува да биде појасно дали партијата на Али Ахмети ќе биде дел од новата влада како победник во албанскиот блок откако Централното претседателство ќе го анализира поразот на изборите, односно преполовеното гласачко тело и кои функционери потфрлија.
Високи функционери на ДУИ за „Дневник“ велат дека за Пировата победа на ДУИ ќе се бара одговорност од членовите на Централното претседателство и од раководството на ДУИ. Засега никој не сака да зборува дали за резултатот на ДУИ на изборите, кој на партијата ~ донесе само 10 пратенички мандати, ќе се бара одговорност или оставка и од лидерот на партијата Али Ахмети.
– Народот ни прати порака, ќе анализираме и ќе видиме во кој правец ќе продолжи партијата. Народот никогаш не греши. Не бегаме од одговорност за резултатот на изборите. Очекувам до крајот на неделава претседателот Ахмети да го свика Централното претседателство, да анализираме и да видиме како понатаму. Дотогаш за новата влада сите опции се на маса. ДУИ може да биде власт зашто, без ДУИ, нема стабилна влада. Но, еднакво може да биде и опозиција. Ќе видиме – вели висок функционер на ДУИ.
Од ДУИ потврдуваат дека има големо незадоволство во партијата и дека и дел функционери и членството бараат одговорност за слабиот изборен резултат.
– Без оглед што победивме на изборите, чувството не е пријатно кога се знае дека од 153.000 спаднавме на 86.000 гласа. Има револт и незадоволство во партијата од некои функционери. Членството во Тетово прашува каде беа да се ангажираат потпретседателката Теута Арифи, Атила Реџепи и други кои воопшто не беа активни во кампањата. Чаирчани прашуваат што се случи во Чаир кој важеше за бастион на ДУИ, а сега гласовите отидоа кај Беса и СДСМ. Јасно е каде се потфрли. Граѓаните го казнија индиферентниот однос на некои функционери кон членството, раскошот, неодговорното однесување – вели функционер на ДУИ.
И друг висок функционер на ДУИ ни потврди дека одговорност за изборниот резултат мора да има.
– Членовите на Централното претседателство ќе треба да дадат отчет кој колку сработил или потфрлил во зависност од изборниот резултат во неговиот реон. Ќе ги сослушаме сите, но одговорност мора да има. Резултатот фактички е на границата на победа и тоа е лошо – вели функционерот.
Од партијата се децидни дека по внатрепартиската анализа ќе се знае дали ДУИ воопшто ќе влезе во преговори за новата влада. Според ДУИ, јасно е само дека доколку влезат во преговори, нема да отстапат од партиската доктрина и платформа.
Ваквата позиција на интегративците ги комплицира преговорите за новата влада.
Неизвесноста за новиот владин состав дополнително се усложнува доколку се знае дека и другите партии на Албанците кои влегоа во Собранието ги условуваат преговорите или со своите партиски платформи или партнерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.