Долниот дом на францускиот Парламент, Националното собрание, синоќа го усвои предлог-законот за продолжување на вонредната состојба во Франција, што беше воведена по терористичките напади во Париз на 13 ноември 2015 година.
Со ова петто по ред продолжување, вонредната состојба во Франција ќе остане во сила до 15 јули 2017 година, односно до по претседателските и парламентарните избори предвидени за на пролет.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, „за“ законот, кој беше предложен од Владата на новиот премиер Бернар Казнев, гласаа 288 пратеници во Националното собрание, а 32 беа „против“.
За петттото продолжување на вонредната состојба гласаа со големо мнозинство пратениците и од левицата и од десницата, а единствено против беа претставниците на комунистичкиот Лев фронт (ФДГ) и неколку „зелени“.
Гласањето во Националното собрание се одржа во текот на ноќта, а по него утре треба да се изјасни горниот дом на Парламентот, Сенатот, со цел да се избегне автоматското прекинување на вонредната сотојба на 22 декември.
Ако сенаторите го следат примерот на пратениците, што најверојатно ќе биде формалност, Франција ќе ја живее својата најдолга вонредна состојба од вкупно 12 месеци, по воведувањето на ваквиот режим за време на војната во Алжир.
Вонредната состојба во Франција беше воведена веднаш по нападите во Париз и Сен Дени на 13 ноември 2015 година, во кои загинаа 130 лица.
Првично беше предвидено таа да трае само три месеци, но потоа е продолжувана поради „висок степен на опасност од терористички напади“.
Вонредната сотојба, која е заострена од пред една година, предвидува можност за административни проверки и забрана на манифестации, контрола на идентитетот, претреси на лица, багаж и возика и затворање на јавни места.
Бидејќи вонредната состојба е продолжена до 15 јули следната година, за нејзино натамошно продолжување ќе треба да решава новата француска Влада и новиот Парламент, што ќе биде избран на претстојните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.