Во рамки на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид денеска беше предадена во употреба нова ботаничка градина, во која ќе се одгледуваат зачински билки и зеленчук наменет за потребите на едукативниот процес по областа гастрономија на образовната институција.
Станува збор за проект што се реализира со финансиска поддршка на ЕУ во висина од 260 илјади евра преку програмата „Ватер нет“ што заеднички ја спроведуваат општините Охрид и Воден, како и Универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Битола и ФТУ од Охрид и Институтот за технолошки науки „Александар“ од Солун.
Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Сашо Коруновски истакна дека се работи за иновативна идеја, преку градина каква што користат најпознатите институти по гастрономија во светот.
– Концептот го користат најпознатите институти за гастрономија во светот. Студентите можат да се запознаат со зачините и билките на самото место, да ги одгледуваат, а потоа да ги користат. Она што ја дефинира и нашата кујна се зачините кои ги дефинираат вкусовите и затоа особено внимание се посветува на овој дел, рече Коруновски.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески проектот го оцени како позитивен пример за соработка меѓу институции од Македонија и Грција, изразувајќи очекување дека ваквите проекти ќе бидат инспирирачки за остварување поголема и поинтензивна прекугранична соработка од интерес на обете страни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.